Бизнис
22. August 2017 - 8:50

Тренинг за менторки во Битола во рамки на Програмата за (само)вработување самохрани мајки

Здружението на бизнис жени, во партнерство со Бизнис Конфедерација на Македонија и Институт за менаџмент поддршка, денеска во Битола организираат обука за менторство и менторски процес на бизнис жени - идни менторки, во рамките на проектот „Програма за (само)вработување на самохрани мајки“, финансиран од Европската унија.

Тренингот е наменет за жените, претприемачки и менаџерки од Битола, заинтересирани да се вклучат во менторскиот процес, како менторки.

Содржините на обуката, како што информираат од  Здружението на бизнис жени, се насочени кон аспектите, знаењата и вештините потребни за успешно менторирање. Кон обуката, со присуство и презентација, како поддршка на проектните активности, ќе се приклучи и претставник на Центарот за вработување од Битола, при што жените - идни менторки директно и во детали ќе бидат запознаени со тековните активности и мерки на АВРМ за (само)вработување.

Оваа обука е последна, од предвидените три, по веќе одржаните обуки во Штип и Скопје, а потребна е за вовед во менторирањето на целната група на проектот, како составен дел од сеопфатниот проектен модел за поддршка на самохраните мајки (особено жртвите на семејно насилство), за да им помогне во изнаоѓањето и искористувањето на можностите за постојано вработување и/или самовработување, во соработка со општините, надлежните институции и бизнис секторот, преку соодветни инфо сесии, како и со испорака на бизнис и вокациски обуки и соодветен процес на менторирање.