Македонија
1. September 2017 - 15:07

Тренеска Дескоска: Одобрени нови вработувања за подобар образовен процес

Нови вработувања за непречено одвивање на наставниот процес се одобрени во повеќе училишта низ Македонија. Се работи и на подобрување на условите во училиштата и во ученичките домови, како и на условите за децата со посебни образовни потреби, информира денеска министерката за образование и наука Рената Тренеска Дескоска.

- Учениците во општина Дебар, ќе добијат можност да ја следат наставата на македонски јазик во порастеретени училници, бидејќи е одобрено ново вработување на одделенски наставник, учениците Албанци од Куманово за прв пат ќе добијат можност да учат солфеж на својот мајчин јазик во музичкото училишта “Панче Пешев”, а учениците од прво одделение во училиштето “Братство” во општина Карпош наставата ќе ја следат во помали одделенија, бидејќи одобрено е ангажирање дополнителен број наставници, рече таа.

Дополнителни вработувања се одобрени во одделенска настава во основните училишта „Браќа Миладиновци”, „Блаже Конески” и „Лазо Ангеловски” со цел да се овозможи целодневна настава, односно дополнителен престој на учениците, а нови вработувања има и во повеќе други основни училишта.

Во средните училишта, како што рече министерката, МОН дава целосна поддршка на Спортската академија за која е одобрено дополнително финансирање на дисперзираните студии во Тетово, Прилеп, Охрид, Штип и Битола, а одобрено е доекипирање со наставен кадар во средното училише во Сарај и средното училиште “Шаип Јусуф” во Шуто Оризари.

Рече дека се работи на подобрување на условите во училиштата и ученичките домови. МОН побарало од директорите на училиштата и на ученичките домови да пријават потреба од капитални инвестиции и да го документираат тоа со фотографии од состојбите во училиштата и ученичките домови.

- Врз основа на овие информации кои ги добивме, ќе направиме и директен увид заради утврдување приоритетите за помош на општините кои не успеале да ги решат овие проблеми на училиштата. Според приоритетите, на прво место ќе биде обезбедување на елементарни услови за работа, односно оспособување на објектите од надворешни влијаниеја со реконструкција на крововите, фасадите и замена на прозорци. Потоа ќе се помогне на општините каде има потреба од подобрување на внатрешните услови на објектите како подови, санитарни јазли, загревање... а третиот дел ќе биде помош во замена на инвентар во училиштата, рече министерката.

Во меѓувреме преземени се одредени активности за санација на повеќе училишта во Сарај, Тетово, Куманово, Демир Хисар, Дебар, Ѓорче Петров, Гостивар и село Страчинци, а во село Блаце е направена реконструкција на целиот објект.

Министерката за образование и наука на денешната прес-конференција рече и дека се создаваат подобри услови за децата со посебни образовни потреби.

- Испративме барање до сите училишта да пријават број на ученици со посебни образовни потреби на кои им е потребен персонален асистент. Податоците се уште не се конечни, но и откако ќе бидат добиени, ќе подлежат на процес на проверка. За најитна можна реакција, во соработка со УНДП, во процес на селекција се околу 70 персонални асистенти кои ќе поминат обука за да можат што е можно посоодветно да ги извршуваат своите задачи, рече министерката.

Информира и дека оние учебници во кои се пишува ќе бидат дистрибуирани до училиштата најдоцна до 15 септември. Истиот рок важи и за дистрибуција на најголемиот број други учебници. Рече одложувањето на почетокот на учебната година за 1 ден нема да значи нејзино продолжување ниту пак скратување на зимсскиот распуст. Денот ќе се одработи во некоја сабота во текот на годината.