Фудбал
2. September 2015 - 13:07

Трансфер рекорди во Англија

Англиските клубови во летниот преоден рок на засилувања потрошија повеќе од милијарда евра. Англичаните трошат најмногу, бидејќи екипа која ќе успее да избори пласман во Премиерлигата добива 100 милиони евра, а кога тука ќе се додадат парите од ТВ правата сумите се уште поголеми. Оваа сезона шампионот во Премиер лигата ќе добие повеќе од 200 милиони евра.
 
Последниот ден од преодниот рок англиските клубови урнаа еден рекорд, односно на засилувања клубовите во просек потрошиле 122 милиони евра, што е за седум милиони повеќе од минатото лето. Вкупно во летниот преоден рок премирлигашите потрошиле една милијарда и 167 милиони евра.
 
Во Премиерлигата пристигнале 314 нови играчи, а од Англија си заминале 287 фудбалери.
 
Најмногу пари на засилувања летово потрошија манчестерските клубови Сити и Јунајтед. Овие два клуба летово на засилувања издвоија околу350 милиони евра.
 
Втори на оваа листа се Италијанците, кои по подолго време не штедеа пари на нови играчи. Во Италија ова лето пристигнале  760 фудбалери, а Серија А ја напуштиле 702-ца. Трансферите направени на Апенинскиот полуостров се вредни 576 милиони евра, а најактивни беа клубовите од Милано, Интер и Милан, односно Рома.
 
Шпанците на оваа листа се на третото место со потрошено 573 милиони евра. Изненадувачки за Шпанија, најмногу пари на засилувања во преодниот рок потроши Валенсија - 142 милиони евра, два милиона повеќе од Атлетико Мадрид. Великаните Реал и Барселона беа ‘тивки’ на пазарот, Реал потроши 80, а Барсеона 51 милион евра.
 
Во La Liga пристигнаа 298 нови играчи, а Шпанија ја напуштија 280 играчи.
 
Бундеслигашите се на четвртото место, за 236 нови играчи клубовите потрошиле 411 милиони евра. Вообичаено најактивен на пазарот беше баварскиот гигант Баерн (85 милиони евра), а потоа Баер Леверкузен (57 милиони евра). Волфсбург е на третото место (55 милиони евра), но овој клуб преодниот рок го заврши во позитива од 40 милиони евра, благодарение на продажбата на Кевин Де Брујне, а потоа и на Иван Перишиќ.
 
Во француската прва лига на трансфери на нови фудбалери се потрошени 308 милиони евра. Најмногу пари потроши ПСЖ, кои само за Анхел Ди Марија издвоија 63 милиони евра. Активен беше и Монако на трансфери клубот од ‘малото кнежевство’ потрошил 84 милиони евра, но во исто време од продажбата на играчи заработил 160 милиони евра, што значи дека Монако е во плус од речиси 80 милиони евра.
 
Изненадувачки шестото место на листата е за англискиот Чемпионшип (118 милиони евра), а потоа следува Турција (85 милиони евра).
 
Голем пад на листата бележи руската Премиерлига која според остварените трансфери во летниот преоден рок се наоѓѓа на 16-то место. Рецесијата во Русија си го направи своето, па клубовите ова лето на засилувања издвоиле скромни 18 милиони евра.