Свет
14. September 2017 - 14:02

Трамп тврди дека не се договорил со демократите за ДАЦА

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека секоја отстапка во програмата ДАЦА, која се однесува на лицата кои како деца илегално влегле во САД, би морала да биде условена со зајакната гранична безбедност.

Тој дополни дека за оваа тема не постигнал договор со демократите во Конгресот.

Претходно денеска, лидерите на демократите во двата дома на Конгресот на САД соопштија дека постигнале договор со претседателот Доналд Трамп за заштита на илјадници млади имигранти од депортација, како и за финансирање на одредени мерки за зајакнување на безбедноста на границата.

- Синоќа не е постигнат договор за законот. Огромно гранично обезбедување би морало да биде присутно во замена за согласност. Би се гласало, напиша Трамп на Твитер.

Според демократите, договорот бил постигнат на работна вечера во Белата куќа  на Трамп со лидерите на демократското малцинство во Претставничкиот дом - Ненси Пелоси и во Сенатот - Чак Шумер.

Договорот предвидува да се гарантира заштита од депортација на околу 800.000 имигранти, доведени илегално во САД уште како деца, кои досега беа под заштита на посебна програма усвоена  од поранешниот претседател Барак Обама. Оваа програма им овозможи привремено право да работат без страв од депортација.

Пред една недела Трамп ја запре програмата и покрај противењето на демократите. Сепак, подоцна тој се договори со нив да му се дадат на Конгресот шест месеци да предложи законско решение за проблемот пред да им биде укинат заштитениот статус на т.н. сонувачи.

Програмата ДАЦА овозможи привремено пролонгирање на депортацијата на речиси 800.000 квалификувани кандидати и со неа им беа издадени работни дозволи на две години, со можност за продолжување.

Пелоси и Шумлер во заедничката изјава по состанокот, соопштија за договорот, без да ги специфираат суштинските детали од неговата содржина. Според анонимен извор, тие договориле посебен закон, кој кога ќе биде усвоен, ќе им даде право на „сонувачите“ да добијат државјанство под одредени услови.