Свет
6. August 2017 - 8:58

Трамп со пофалби до Кина и до Русија за санкциите спрема Северна Кореја

Американскиот претседател Доналд Трамп ја поздрави поддршката од Кина и од Русија за усвоената резолуција на Советот за безбедност на ОН поднесена од САД.

– Претседателот ја цени соработката со Кина и со Русија со што е обезбедено усвојување на резолуцијата. Тој ќе продолжи да работи со сојузниците и со партнерите за да се засили дипломатскиот и економски притисок врз Северна Кореја за да престане со заканите и дестабилизирачкото однесување, се вели во соопштение од Белата куќа.

СБ на ОН воведе нови санкции спрема Пјонгјанг со што може да се намали за една третина годишниот приход на таа држава од извоз кој во моментот е три милијарди долари.

Санкциите се воведени врз основа на резолуција од САД како одговор на нивните проби со балистички ракети извршени во јули. Со санкциите се забранува извоз на јаглен, железо, челик и друго. Со резолуцијата усвоена едногласно се додадени и девет лица и четири компании на црната листа на ОН.