Свет
31. March 2017 - 8:48

Трамп очекува средбата со Си да биде тешка

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг, планирана за следната недела во одморалиштето Мар а Лаго, Флорида, ќе биде многу тешка.

- Средбата идната недела со Кина ќе биде многу тешка, бидејќи ние повеќе не можеме да си дозволиме да имаме огромен трговски дефицит и да ги губиме работните места, Американските компании треба да се подготвени да бараат алтернативи, напиша Трамп на Твитер.

На средбата Трамп - Си, што е закажана на шести и седми април, ќе се разговара за трговијата, севернокорејската нуклеарна закана, интензивираното кинеско воено присуство во Јужно Кинеско Море и за други теми.

- Претседателот со нетрпение ја очекува средбата со кинескиот колега СИ, двајцата да разменат мислења за приоритетите и да го исцртаат патот на развојот на односите меѓу нашите држави, изјави портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер.