Свет
11. February 2017 - 13:20

Трамп најавува можност за нов декрет за забрана влез на имигранти

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ја испитува можноста за донесување сосема нов декрет за забрана влез во САД на имигранти од одредени земји, откако неговиот претходен декрет беше блокиран од судовите, пишуваат американските медиуми.

Во разговор со домашните новинари, за време на летот со претседателскиот авион „Ер Форс Уан“ Трамп рекол дека „сосема нов декрет“ би можел да биде донесен уште во понеделник или во вторник.

Ваквата најава доаѓа по одлуката на Вишиот суд од Сан Франциско кој ја потврди блокадата на првичниот декрет на Трамп и ја отфрли жалбата на Белата куќа.

Со овој декрет, кој предизвика бурни протести низ САД и во меѓународната јавност, се забранува влез на американската територија за државјаните на седум муслимански земји - Иран, Ирак, Сирија, Либија, Судан, Сомалија и Јемен.

Според објаснувањето на претседателот Трамп станува збор за „безбедносна мерка“ со цел да се заштитат САД и нејзините граѓани, но досега никој од неговата администрација не потврди дека државјани од овие земји имаат кога било  извршено терористички напад на американската територија.

Домашните медиуми не откриваат што ќе содржи новиот декрет за забрана за мигрантите, освен што се цитира Трамп дека промените во новиот декрет ќе бидат „многу мали“.

По одлуката на Вишиот суд од Сан Франциско, претседателот Трамп изјави дека продолжува со постапката кај судовите, овој пат до Врховниот суд, а потоа ја уверуваше домашната јавност дека администрацијата „сигурно ќе ја добие правната битка“ затоа што целта на неговиот декрет била заштитата на Американците.

Не се знае дали новиот декрет со кој би требало да се спречи неговата блокада од судовите, ќе значи откажување на Трамп и на неговата администрација од навестената нова жалба против блокадата на првиот декрет.