Свет
2. September 2017 - 13:35

Трамп ќе организира средба на високо ниво за реформи во ОН, Путин нема да присуствува

Американскиот претседател Доналд Трамп планира да организира на 18 септември средба на високо ниво во Њујорк за реформи на ОН, изјавија дипломати.

На тој датум е предвидено да биде усвоена политичка декларација, еден ден пред почетокот на годишното Генерално собрание на ОН на ниво на лидери на држави и влади.

Ова ќе биде прво Генерално собрание за Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, како и за генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш по стапувањето на нивните функции.

Со подготвениот документ е предвидено ОН да стане „поефикасна“ организација. Документот, кој Вашингтон го споделил со петнаесетина земји од сите континенти, меѓу кои Канада, Велика Британија, Кина, Сенегал и Јордан, но не и Франција, ја наведува потребата од намалување на двојните ангажмани во големиот број служби на ОН. Во текстот се бара од генералниот секретар на ОН да постигне „конкретни промени“ во организацискиот систем за подобра работа во областа на хуманитарната помош, економскиот развој и мирот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не планира да учествува на годинешното заседание на Генералното собрание на ОН.

- Тоа не му е во план на претседателот, истакна Песков, кој не сакаше да ја коментира иницијативата на Трамп за добивање глобална поддршка за реформи на светската организација.