Свет
1. September 2016 - 9:16

Трамп ја бранел во Мексико изградбата на ѕид долж границата со САД

Американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп ја бранел идејата за изградба ѕид на границата меѓу Мексико и САД, за време на неговата средба со мексиканскиот претседател Енрике Пена Њето.

Според американските медиуми, Трамп притоа не споменал кој би требало да ја плати изградбата на ѕид што треба да го запре напливот на илегални имигранти.

За време на кусиот престој во Мексико Сити, Трамп зборуваше за Мексиканците како за извонредни и спектакуларни луѓе, што е сосема различно од неговите претходни јавни дисквалификации, во кои мексикансите имигранти ги нарекуваше, криминалци, убијци и силувачи, пренесува Би-Би-Си.

Претседателот Њето изјави дека луѓето во Мексико биле повредени од ваквите зборови на републиканскиот кандидат, но дека тој има респект кон неговата намера да гради односи со Мексико.

Оваа јужна соседска држава на САД, претходно, Трамп ја означи како „непријател на САД“, но во текот на кусиот престој во мексиканскиот главен град, претседателот Њето беше негов пријател.

Престојот на Трамп во Мексико и неговата средба со мексиканскиот претседател, во домашната јавност беше критикувана и оценета како погрешна и непотребна, а од американскиот претседателски кандидат, се бараше јавно да им се извини на Мексиканците.

Кандидатот на американската Демократска партија, Хилари Клинтон исто така ја критикуваше краткотрајната посета на Трамп на Мексико.

По престојот во мексиканскиот главен град, Доналд Трамп, во Феникс, во американската сојузна држава Аризона, треба да зборува за мерките што би ги презел, како претседател, во борбата со илегалната имиграција.