Свет
28. February 2017 - 9:17

Трамп денеска првпат застанува пред Конгресот - ќе бара поголем воен буџет

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска  првпат ќе се обрати во Конгресот, а една од темите ќе биде и барањето за значително зголемување од речиси девет отсто на воениот буџет на САД, пренесе Танјуг.

Трамп предлага зголемување од 54 милијарди долари за американската војска, односно набавка на нови авиони, бродови, ловци, со истовремено намалување на невоените програми и одвојување на работата на федералните агенции.

Зголемувањето на воениот буџет треба да испрати порака до светот дека Америка е „силна, безбедна и одлучна“.

Тој вети дека фискалниот план ќе се фокусира на „јавната безбедност и националната безбедност“.

Директорот за буџет на Белата куќа, Мик Малвони, изјави дека поголемото издвојување за Пентагон ќе го зголеми воениот буџет на рекордни 603 милијарди долари и тоа не сметајќи ги милијардите долари за воени операции во странство.

Министерството за одбрана, во меѓувреме, на барање на Трамп, до Белата куќа го достави прелиминарниот план за борба против Исламска држава.