Македонија
5. October 2017 - 21:57

Трајановски: Во програмата има голем број на проекти и за општината Центар, ќе ги реализираме заедно со Јовановски

Центарот е лицето на Скопје. Затоа запомнете на 15 октомври ќе победиме во Центар и во Скопје. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија е партија која, она што го ветува и го исполнува. Нашиот збор е наша обврска и ние од дадениот збор не отстапуваме, туку го исполнуваме, истакна кандидатот за градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски на големиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар.

-Граѓаните на локалните избори гласаат за човек, за личност во која имаат доверба. Граѓаните гласаат за проверени и докажани кандидати и не ризикуваат со кандидати кои водат политика. Граѓаните својата доверба ни ја даваат токму затоа, со конкретни зафати да ги подобриме условите во кои што живеат, а не само да водиме политика во која и ден денес гледаме луѓе кои нон-стоп со празни зборови и фрази сакаат да ве излажат, а ништо не работат. Ние не сме такви. И затоа пред вас излегуваме со конкретна програма со која ќе ја побараме вашата доверба.

 

Реализиравме, додаде Трајановски, проекти кои го сменија ликот на Скопје, кои ја подобрија функционалноста на Скопје, кои ја подобрија хигиената, а голем дел од овие проекти беа реализирани во Центар.

-Првиот булевар кој го реконструиравме и проширивме во мојот прв мандат е булеварот Илинден, потоа следеше булевар Митрополит Теодосиј Гологанов, потоа булеварот Климент Охридски од Влада до Нова Македонија. Проширена е улицата Тодор Александров со велосипедски патеки на коловоз од Клинички кон Панорама, улица Јордан Мијалков, направивме и нови коловози. Изграден е кружен тек на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, кај Католичката црква, изградени се 2 нови катни гаражи во центарот на Скопје- „Тодор Александров“ и „Македонска Фаланга“, со кои се обезбедија над 1.000 нови паркинг-места, инвестиција околу 22 милиони евра, потоа за централното градско подрачје се обезбедени 1500 паркинг места. Низ Центар поминува и мрежата за Велосипедските патеки од Скопје Вело Град и ги поврзува сите 10 општини… се во интерес на граѓаните. И не само во Центар, морам да нагласам дека за првпат се реализираа проекти во сите 10 скопски општини, без разлика на политичката припадност на локалниот градоначалник, без разлика на мнозинската етничка припадност, без разлика дали населбите се урбани или рурални…

Ова, додаде Трајановски, е нова ЕРА на промени кон подобро, нови идеи за подобро живеење во главниот град и општините.

-Во оваа програма за период од 2017-2021 има проекти за сите 10 општини од градот Скопје. Во програмата има голем број на проекти и за општината Центар, ќе набројам неколку стратешки за идниот 4 годинишен период: раскрсница на повеќе нивоа кај ТЦ Мавровка и судска плата, почеток на градба на Јужен булевар, подземен булевар од мост „Гоце Делчев“ до НБРМ, реконструкција, доградба и надградба на објектот на конгресниот центар Александар Македонски (Универзална Сала), реконструкција и проширување на бул. „Даме Груев“, атмосферска канализација по бул. „Партизански Одреди“ од ул. „Костурски Херои“ до ул. „Аминта Трети“… Сите овие проекти ке ги реализираме во соработка со кандидатот за градоначалник на општината Центар, Дејан Јовановски, со Советот на општина Центар, рече Трајановски и додаде:

„Кандидатот за градоначалник на општината Центар, Дејан Јовановски, е со спортски дух- поранешен кошаркар , позитивен урбан лик, енергичен, работлив човек кој во општина Центар ќе застане и посветено ќе работи за доброто на жителите на Центар во сите населени места независно од нивата етничка припадност. Заедно со конкретните проекти што тој ги нуди во својата предизборна програма, е доволен услов граѓаните на Центар да ја дадат својата доверба на претстојните избори на Дејан Јовановски и да го поддржат развојот на општината Центар. Бидејќи доаѓа НОВА ЕРА на НОВИ ПОБЕДИ И УСПЕСИ за сите нас“.