Македонија
21. August 2017 - 17:15

Трае увидот - причините за несреќата кај Велес се уште не се познати

Автобусот кој синоќа изгуби контрола и излета од коловозот на автопатот Велес - Скопје е релативно нов и ги исполнува сите стандарди, информираат од туристичката агенција „Савана“, орагнизатор на летувањето на патниците кои се враќаа од Грција.

Комерцијалниот директор во „Савана“, Мирче Пешевски за МИА изјави дека автобусот е увезен пред околу три месеци и оти според моделот се работи за релативно ново возило.

Пешевски вели дека со превозникот „Бус травел“ соработуваат повеќе години и оти договорот со него не отстапува во ништо од останатите договори склучени со други превозници.

Тој изрази жалење за сообраќајната несреќа и нагласи дека како агенција им стојат на располагање на патниците. Според информациите со кои располага агенцијата, од тројцата патници згрижени во Велешката болница, двајца веќе се пуштени на домашно лекување, а за третиот во секој момент се чека да бидат завршени процедурите.