Фудбал
6. October 2016 - 13:06

Традиција: Само Силекс победил Израелци

Националниот тим на Македонија досега три пати е поразен од селекцијата на Израел но тука се и клубските пресметки во кои Израелците имаат подобар скор. 

На меѓународната сцена единствена екипа од Македонија која се радувала на победа против израелски клуб е Силекс во 1997. година, кој на домашен терен го совлада Беитар со минимални 1:0, а на гостински терен загуби со 3:0. Останатите екипи кои играле против израелски клубови се Башкими и Ренова кои загубија во двата натпревари во европските пресметки .

Што се однесува до репрезентативните пресметки потсетуваме дека ова ќе биде четвртиот меѓусебен дуел со Израел на репрезентативно ниво. Во сите три претходни натпревари доживеавме порази, од кои два беа на домашен терен, во Скопје. Прв пат се соочивме во 2002. година кога предводник на селекцијата беше Никола Илиевски - Џиџи. На пријателскиот натпревар, Израел славеше со 2:3, а потоа следуваа и два квалификациски натпревари за Европското првенство во 2008. година. Под водство на Среќко Катанец, Македонија најпрво загубивме во Скопје со 1:2, а вториот меч кој се одигра пет месеци подоцна на гостински терен го загубивме со минимални 1:0. Во тој период го имавме највисокиот пласман во историјата на ФИФА ранг-листата, а во репрезентацијата беа имиња како Пандев, Васоски, Шумуликоски, Новески, Митрески, Седлоски и многу други фудбалери, а сепак Израел не можевме да го совладаме иако не е репрезентација која според квалитетот е многу пред нас.
 
Значи три натпревари досега и три порази. Тоа е поразителен факт за македонскиот репрезентативен фудбал, а за впечатокот да биде полош се „погрижија“ и македонските клубови низ историјата. Имено, на осум натпревари на клупско ниво во европските натпреварувања, македонските клубови забележале една победа и седум порази! Што доведува до биланс од 1 победа и катастрофални 10 порази на 11 натпревари на фудбалско ниво меѓу Македонија и Израел, на репрезентативно и клупско ниво.