Македонија
24. March 2017 - 9:13

Торнстен Фрај: Неприфатливо е мешањето на Рама во внатрешните работи на Македонија

Пратеникот на Христијанско - демократската унија (ЦДУ) во германскиот Бундестаг Торстен Фрај вели дека е неприфатливо наметнувањето политички теми од странски држави и политичари во Македонија. На прашање на МИА како ги коментира состојбите во Македонија во поглед на т.н, Тиранска платформа,  Фрај кој е член на Kомитетот за надворешна политика на германскиот Парламент смета дека како принцип ниту во ЕУ ниту во Западниот Балкан не смее да има мешање на странски политичари во внатрешните политички прашања на други земји.

- Според моето искуство Албанија во минатото секогаш имала конструктивен улога во регионот. Но, сега не е добар сигнал тоа што албанискиот премиер сака да наметне албанска платформа преку албанските партии во Македонија. Тоа не е прифатливо. Актуелните политички предизвици се внатрешен проблем на Македонија и не смее да има наметнување на прашања од други држави. Јас  немам никакво разбирање на мешањето на албанскиот премиер во внатрешните работи на Македонија, вели Фрај кој е добар познавач на состојбите на Баканот, а во ноември ја посети Македонија. 
 
Во исто време Фрај смета дека на Македонија мора да преземе мерки за да се зголеми нивото на интеграција на сите граѓани во општеството.
 
- За волја на вистината во изминатите години не се покажа дека Охридскиот рамковен договор помогна за поголема интеграција на Албанците во македонското општество. Мислам дека одлучувачко прашање е во иднина да се постигне висока интеграција во општеството, за да може сите граѓани да се идентификуваат со Македонија. Тоа е задача што ја имаат сите во земјата и во регионот. Германија се обидува да помогне со тоа што форсира заедничка соработка која што треба да ја намали опасноста од поделби, вели германскиот пратеник кој е дел и од комисијата за ЕУ во Бундестагот. 
 
Во врска со прашањето на дописникот на МИА од Берлин за европската иднина на Македонија и другите земји од регионот во ЕУ, Фрај вели дека Унијата мора да влева доверба кај идните членки дека тоа што е договорено ќе го исполни. Притоа, смета Фрај, зејмјите во регионот мора да ги надминат сите отворени прашања за да можат да продолжат на патот кон ЕУ.
 
- Во најдобар интерес на ЕУ и на Германија е да ги поддржат земјите од западниот Балкан и тие да станат членки. Треба да биде јасно дека ако критериумите од Копенхаген бидат исполнети тогаш мора да следи членство во ЕУ. За мене ова е прашање кое што влијае на довербата и на кредибилитетот на ЕУ.  За волја на вистината во многу земји од западен Балкан се уште имаат проблеми кои треба да се надминат. Во Макеоднија имаме уставна криза поради која се уште не може да се направи влада по изборите во декември. Ситуацијата е комплицирана, но треба да се извади најдоброто од изборните резултати и да се почитува волјата на македонскиот народ и македонските граѓани, вели Фрај за МИА кој на сојузните парламентарни избори во септември повторно ќе биде кандидат за пратеник во Бундестагот од редовите партијата на канцеларката Меркел. 
 
Во врска со блокадата од Грција во ЕУ и НАТО  Фрај смета дека Македонија мора да ги надмине внатрешните проблеми по што ЕУ треба да изврши голем притисок врз Грција со цел на крајот на процесот на пристапување Атина да не може да го блокира членството во ЕУ.  За него е правно но и прашање на морал дококу Макеоднија и било која земја од западен Балкан ги исполнат критериумите за влез и повторно не можат да бидат дел од ЕУ. 
 
Политичарот од германската владејачка партија кој доаѓа од покраината Баден -Виртенберг кој е претседавач со  „Поткомитетот за превенција од цивилни кризи и управување со конфликти“ во долниот дом на германскиот Парламент се надева  дека во Македонија нема да дојде до конфликт затоа што земјата има доволен потенцијал да ги надмине проблемите. Но, тој бара сите политички фактори во земјата која единствена од поранешна Југославија оствари независност без војна да бидат претпазливи и да не дозволат вило каков внатрешен или меѓуетнички конфликт кој што не може апсолутно да се отфрли.