Македонија
9. February 2016 - 19:44

Топлото време ќе го зголеми бројот на мигрантите на јужната граница

Втората фаза од поставување на заштитната ограда дополнително треба да го намали бројот на илегалните премини на државната граница. По поставувањето на првата ограда армијата досега успеала да спречи 19 илјади, а дополнителено 14.000 илегални премини биле спречени од страна на полициските службеници. Претседателот Иванов очекува со подобрување на временските услови да се зголемува и бројот на бегалци но и на економски мигранти, што бара дополнителна заштита на државната граница. Откако правото слободно да ја минат границата го добија само бегалците од Сирија, Ирак и Авганистан, бројот на илегални премини расте. Но, безбедносните служби на граничната линија мака мачат и со фалсификуваните документи кои мигрантите успеваат да ги обезбедат во Грција.

-Досега полицијата има откриено 5.500 фалсификувани документи.  Дневно понекогаш се откриваат и до стотина такви лажни документи, пред се пасоши, меѓу нив има и документи издадени од Фронтекс, лични карти, кои економските мигранти од Африка и од Азија ги користат за да се пријават како бегалци, изјави претседателот Иванов.

Иванов останува на ставот дека само со биометриски регистрационен лист може да се спречат злоупотребите, идеја која доби одобрување и од лидерите присутни на самитот за поддршка на сирија и регионот минатата недела во Лондон. Тој се заблагодараи за помошта од хуман аспект, но државата според претседателот има потреба од поголема помош за справување со безбедносните ризици.  

-Досега целиот безбедносен аспект на кризата е на наш товар и  имаме ветувања кои се уште не се исполнети. Ги користиме нашите буџетски средства, средствата на Армијата и на полицијата, изјави Иванов додавајќи дека е неопходна помош од возила за патролирање, термални камери и друга опрема за поефикасно справување со мигрантската криза.

За актуелната состојба на границата Иванов викендов ќе ги информира учесниците на безбедносната конференција во Минхен, а за бегалската криза ќе разговара и на вонредниот самит на земјите од Виеградската група во Прага