Македонија
25. March 2016 - 15:30

Toдоров: За само една година македонското здравство оствари напредок од 11 места

Во 2014 година Европскиот здравствен потрошувачки индекс, кој се смета за најрелевантен показател за функционирањето на здравствениoт систем во Европа, Република Македонија ја рангираше како 16-ти по квалитет здравствен систем во Европа. За само една година македонското здравство оствари напредок од 11 места, што се смета за најголем напредок откако постои ова европско рангирање – тоа значи од 27 место, Македонија е рангирана на 16 место во 2014 година. 

Ова денеска го истакна Никола Тодоров, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во отчетот за сработеното во здравството. Посочи дека станува збор за рангирање кое што е кредибилно за Европската Комисија и на чие претставување на годишните резултати присуствува и еврокомесарот за здравство на Европската унија.

Тој истакна дека нема здравствен систем во светот што е ослободен од проблеми и предизвици. - Не постои идеално здравство. Македонскиот здравствен систем не е идеален, има проблеми и предизвици. Никогаш и никој од ВМРО-ДПМНЕ не ветил дека ќе ги решиме сите проблеми во здравството. Но, сме ветиле дека посветено ќе работиме и дека ќе се трудиме да решиме што е можно повеќе проблеми, особено оние кои сме ги ветиле во програмата, рече Тодоров.

Иако сме на половина од мандатот што ни го дадоа граѓаните во 2014 година, потенцира, од вкупно 79 проекти во здравството кои сме ги ветиле, имаме реализирано комплетно 41 проект, почнати или во тек на реализација се 29 проекти односно 52 проценти реализација, ако се земат предвид само целосно реализираните. - Ако се земат предвид реализираните проекти и оние што се почнати процентот на реализација е 88,6 проценти, потенцира Тодоров и се осврна на неколку капитални проекти од областа на здравството, содржани во обемното издание, во Отчетот насловен „Отчетно проекти и мерки и дела за граѓаните и државата, ова е разликата“.

Нагласи дека по 40 години залагање и зборување од многу министри и влади и по повеќе неуспешни обиди на нивните политички претходници, Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја основа првата Државна кардиохирургија во Македонија, витален проект за македонското здравство. Клиниката, укажа, е опремена со најсовремена опрема со која може да се вршат сите типови кардиохируршки процедури, а од неодамна на оваа Клиника покрај кардиохируршки се работат и васкуларни процедури. Досега се изведени околу 230 операции.

- Иако не ја ветивме, ја поставивме и почна успешно да функционира Детската кардиохирургија. Интервенциите се вршат со најреномирани доктори од САД кои повеќе пати годишно престојуваат во Република Македонија и Детската хирургија. Децата и бебињата се третирани според врвните светски стандарди во оваа област и што е најважно, услугата ја добиваат поблиску до местото на живеење. Значењето на овој проект е во бенефитот кој го чувствуваат најмладите и нивните родители и семејства, рече Тодоров.

Од 2006 година, посочи, досега се инвестираат окулу 200 милиони евра за капитални инвестиции во здравството, односно набавка на нова медицинска опрема и изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, а само во овој момент во тек се инвестиции од вкупно 42 милиони евра.

Се осврна на објектот на ПЕТ-Центарот, најсложен здравствен објект изграден во историјата на Република Македонија, за кој е обезбедена најсовремена опрема. Овој капителен објект, потсети Тодоров, чини околу една милијарда денари, ќе овозможи примена на најсовремени методи за рано дијагностицирање на болести, нивно лекување, следење, како и следење на успешноста на терапијата. Потенцира дека Македонија е единствена која што има ваков центар на вакво ниво од Истанбул до Виена.

- Изградивме комплетно нов објект на „Детска болница – Козле“, Скопје. Објект изграден од темел, според најновите светски стандарди во оваа област. По 50 години од изградбата комплетно ја реновиравме поликлиниката во Букурешт. Во периодот пред 2014 година ги изградивме и пуштивме во употреба новата Клиника за гинекологија, Болницата во Јасеново, комплетно ја реконструиравме Детската клиника, Градската општа болница „8 Септември и болницата во Охрид. Станува збор за капитални дела во функција на македонските пациенти, рече Тодоров.

Покрај здравствената инфраструктура рече дека континуирано се вложува и во набавка на нова најсовремена медицинска опрема со што се подигнува квалитетот на здравствените услуги низ државата.

- Само од 2014 година до денес во нова опрема се инвестирани над 15 милиони евра. Значително поквалитетни и подостапни здравствени услуги за граѓаните низ целата држава се овозможени со набавката на нова медицинска опрема која се состои од апарати за компјутерска томографија, мамографи, дигитални рендген апарати, ЕХО-апарати, гинеколошки 4Д ЕХО-апарати, магнетна резонанца, дензитометри, ангиографи итн., посочи Тодоров.

Истакна дека како една од покрупните реформи во здравствениот систем е Националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој термин“, што претставува најголем централизиран и целосен online систем во државава и регионот. 

- Во таа насока, минатата година ја формиравме Управата за електронско здравство како посебен орган во состав на Министерството за здравство. За релативно краток период „Мој Термин“ стана еден од најпознатите брендови во Македонија, имајќи предвид дека над 80 отсто од граѓаните во Македонија на релевантните испитувања на јавното мислење изразиле силна поддршка и задоволство од функционирањето на овој систем, рече Тодоров.

Покрај инфраструктурата и опремата, потенцира, трет носечки столб на квалитетен здравствен систем е и едукацијата на медицинскиот персонал. Нагласи дека со проектот за едукација на медицинскиот кадар во реномирани медицински центри во странство овозможиле за првпат на трошок на државата, организирано, докторите и останатиот кадар од Македонија да се едуцираат во врвни установи во САД, Европа, Австралија, Кина, и многу други земји. Од почетокот на проектот, информира тој, над 2.200 здравствени работници се пратени на едукација во странство од кои 800 доктори и 200 медицински сестри само во последната 2015 година.

Како уште една исклучително значајна мерка ја истакна набавката на терапија за ретки болести на товар на државата, со што системски се решава проблемот на овие лица. - Ова е голем чекор напред на Владата на Република Македонија, имајќи предвид дека претходно со Програма на Министерството се издвојуваа финансиски средства за само 3 лица чија терапија беше прилично скапа, рече Тодоров.

Потсети дека Фондот за здравствено осигурување воведе Ин витро постапка на товар на Фондот, проширено право за второ, трето и четврто дете, укината партиципација за постапката. 

- ФЗОМ воведе 15 нови електронски услуги. Ја зголемивме капитацијата за 2.800 матични лекари и стоматолози. Стоматолозите од 1 јануари добија зголемување од 14 отсто, а матичните лекари од 1 јули ќе добијат покачување на бодот од 10 отсто, истакна Тодоров.

Појасни дека покрај овие проекти за одбележување е и воведувањето на поливалентните вакцини, бесплатните прегледи за трудници, бесплатниот мамографски скрининг, овозможувањето на сурогат мајчинството, легализацијата на канабисот за медицински цели, овозможувањето кофинансирани приватни специјализации и плата за тие приватни специјализанти кои ќе бидат примени на кофинансирана специјализација, зголемувањето на платите на лекарите, враќањето на над 200 лекари-специјалисти од приватно во јавно здравство, воведувањето правила за хоспитална култура и заштита на пациентите и нивните права.

Се осврна на намалувањето на цените на лековите, бројните реформи на здравствениот систем преку измените на Законот за здравствена заштита, системското решение преку воведувањето гарантиран договор со фондот и кофинансирана специјализација по гинекологија и педијатрија за матичните гинеколози и педијатри како дефицитарен кадар, признавањето на високото образование на сестрите, враќање на сестрите од приватно во јавно здравство, трансформација на работниот однос на над 2.000 волонтери, намалувањето на доенечката смртност за околу 30 отсто во однос на смртноста што им ја оставиле нивните политички противници.

Потсети и на набавката на најнова и најсовремена медицинска опрема за дополнително намалување на доеничката смртност, на сериозното зголемување на бројот на државни специјализации и уште многу други проекти и мерки опфатени во Отчетот.

- Ова се дела. Ова се решени проблеми. Сите овие проблеми постоеле во македонското здравство, а денес се решени. Кога ќе ги оценувате политичарите, оценувајте ги не врз основа на она што го ветуваат, туку врз основа на она што го постигнале. Овој отчет и овие дела се нашата гаранција дека ќе го реализираме тоа што ќе ви го ветиме, истакна министерот Никола Тодоров.