Фудбал
4. May 2016 - 15:10

Титулата на Лестер ќе ги чини обложувалниците 20 милиони!

Неверојатната приказна на Лестер Сити, кој на две кола до крајот на Премиерлигата ја обезбеди првата шампионската титула во 132-годишната клупска историја, предизвика одушевување кај вљубениците на фудбалот и очај кај сопствениците на водечките европски обложувалници.
 
Според првите проценки, титулата која ја освои Лестер, ќе ги чини обложувалниците  околу 20 милиони фунти. 
 
„Во историјата на обложувањето, поточно откако е легализирано во 1961 година, ниту еден настан со толкав голем коефициент не бил добитен. Ова првиот таков случај“, рекол Симон Клер од обложувалницата Корал.
 
Коефициентот, дека Лестер ќе биде шампион изнесуваше 5.000-1. Значи за една вложена фунта добивката изнесува 5.000 фунти.
 
„Ова е најголемото изненадување во спортот. Имаше и други изненадувања, но фудбалската сезона трае со месеци. Поради тоа сега обложувалниците плачат“, дополнил Клер.
 
Еден од навивачите на Лестер кој е добитен е 39-годишниот столар Ли Херберт. Пред почетокот на сезоната, во најголемата британска обложувалница Вилијам Хил, тој вложил пет фунти, а сега треба да подигне 25.000 фунти.
 
„Тогаш тоа изгледаше како научна фантастика, но кога бев на одмор си помислив дека момците можат да направат нешто големо. СЗега навистина изгледа како научна фантастика“, порачал Херберт.
 
Инаку, најголема добивка од титулата на Лестер очекува еден жител на малиот град Гилдфорд, кој се наоѓа на 40 километри западно од Лондон. Овој среќник треба да добие 140.775 фунти.
 
Еден од букмејкерите признал дека самите обложувачки куќи се виновни за она што им се случи со титулата на Лестер, бидејќи долго ги игрирале добрите игри на новиот англиски шампион.
 
За Божиќ, кога Лестер нанижа десет натпревари без пораз, коефициентот бил 33-1.
 
Дел од стручњаците смета дека веќе наредната сезона обложувалниците ќе го вратат загубеното, бидејќи успехот на Лестер, ќе ги поттикне навивачите на Барнли, Бормут и останатите „помали“ клубови да се надеваат на ново чудо.
 
Од Скајбет признаа дека мора да исплатат седум милиони фунти, додека обложувалницата Ледбрукс ќе загуби околу 5,5 милиони фунти.
 
„На почетокот на сезоната примивме 47 уплати со коефициент 5.000, дека Лечестер Сити ќе биде шампион. Во меѓувреме 27 ја искористија можноста да бидат исплатени во текот на сезоната“, објавија од Ледбрукс.