Македонија
21. July 2017 - 11:19

„Титаник“: СЈО бара притвор, одбраната укинување на мерките за претпазливост

Апелацискиот суд денеска продолжи со разгледување на жалбите за мерките за претпазливост изречени од Кривичниот суд во предметот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуралности.

Во Судот се разгледува жалбата на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНе Никола Груевски на решението на првостепениот суд за одземање на неговиот пасош и за обврската еднаш неделно да се јавува во суд. Исто така, се разгледува и жалбата на Специјалното јавно обвинителство на решението на Кривичниот суд да не му одреди притвор на Груевски, кој е обвинет во предметот „Титаник“.

Специјалното јавно обвинителство кое бара притвор за поранешниот премиер Никола Груевски, обвинет во случајот „Титаник“, смета дека може да избега, додека одбраната смета дека СЈО го поднело обвинението надвор од законскиот рок. 

На јавната седница присуствува Груевски, кого ќе го бранат тројца адвокати, Димитар Дангов, Боро Тасевски и Сања Алексиќ. Обвинители од СЈО се Гаврил Бубеваки и Бурим Рустеми.

СЈО во одговорот на жалбата наведува дека Груевски одбегнувал да се јави на распит иако примал покани редовно и оти мерката притвор ќе го обезбеди неговото пристсутво.

Бубевски рече дека има опасност Груевски да влијае врз сведоци и врз другите обвинети и затоа се бара притвор за него. Обвинителот рече дека преку партијата, членството на ВМРО-ДПМНЕ било агитирано да излегува на протестите во Охрид кога СЈО испитувало сведоци.

Одбараната, пак, наведе дека има 26 илјади страници доказен материјал кои Груевски немал време да ги проучи и затоа не се јавувал во СЈО, но оти без разлика дали бил поканет во обвинителството, за секое излегување од државата, СЈО било известувано дека нема да биде во Скопје.

Според одбраната, обвинението за Груевски е поднесено надвор од законскиот рок во кој СЈО имало право да поднесува обвиненија бидејќи на 30 јуни предметот не бил доставен до Кривичниот суд до 16:30 часот, до кога работи приемното одделение во судот туку подоцна во 21 часот. Според нив, обвинението не било поднесено од овластен тужител поради истекот на рокот од 18 месеци токму на тој ден.

Адвокатот на Груевски, Боро Тасевски, бара контрадикторност на постапката што значи и Груевски и одбраната да се произнесат за предметот.

Според најавите, на денешните седници во Судот ќе се разгледуваат и други жалби на СЈО и на обвинети во „Тираник“, меѓу кои и поранешните министри за транспорт и врски Мили Јанакиески, за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот шеф на премиерскиот кабинет Мартин Протоѓер и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски.

Седниците се закажани откако СЈО за случајот „Титаник" се жалеше на одлуката на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 со која на обвинетите место притвор, им беа определени мерки на претпазливост. Жалби на одлуката на првостепениот суд поднесе и одбраната на обвинетите. Судот има рок од 48 часа да донесе одлука.

Содот досега ги одби сите поднесени жалби на решенијата на Кривичниот суд во врска со предметите на СЈО.