Свет
20. April 2017 - 10:40

Тинк-тенк група блиска до Путин изготвила план за влијание врз претседателските избори во САД

Руска владина тинк-тенк група, контролирана од Владимир Путин изработила план за влијание врз претседателските избори во САД во 2016 година во корист на Доналд Трамп, како и за поткопување на довербата на избирачите во американскиот изборен систем, изјавија за Ројтерс американски актуелни и поранешни официјални претставници, јави БТА. 

Американските претставници се повикуваат на два доверливи документа на тинк-тенк групата, кои според нив биле рамката и основата за интензивни активности од страна на Русија во мешање на изборите на 8 ноември.

Американските служби ги добиле по изборите документите, кои биле изготвени од Инстиутот за стратешки истражувања во Москва.

Првиот од документите е стратешки и е напишан во јуни и тој циркулирал на највисоко ниво во руската Влада, но не бил адресиран до конкретни личности. 

Во него се препорачува Кремљ да почне пропагандна кампања на социјалните мрежи и во руските глобални медиуми за да се избере претседател кој би имал помек однос кон Русија, отколку администрацијата на тогашниот претседател Барак Обама, изјавија американските претставници. 

Во вториот документ на Институтот, изготвен во октомври и дистрибуиран на истиот начин, се предупредува дека кандидатот на демократите Хилари Клинтон најверојатно ќе победи на изборите. Поради таа причина би било подобро Русија да ја стопира пропагандата за поддршка на Трамп и да ги интензивира пораките за изборни измами, за да ја поткопа легитимноста на американскиот изборен систем и да и наштети на репутацијата на Клинтон.

Овие активности имале цел да го поткопаат евентуалното претседателско управување, изјави седуммина претставници на американските власти.

Тие побарале анонимност, поради доверливиот карактер на руските документи. Изворите исто така одбија да кажат како САД ги добиле тие документи.

Американските разузнавачки служби не ја коментираат оваа информација. 

Документите се од суштинска важност за тврдењата на администрацијата на Обама, дека Русија водела кампања на „лажни вести“ и извршувала кибер напади врз Демократската партија и штабот на Клинтон, изјавија изворите.

- Путин цело време ја имал во главата таа цел и побарал од Институтот да му изработи патоказ, изјави еден од изворите, кој е поранешен висок функционер во американското разузнавање. 

Четворица од изворите изјавија дека мерките, кои се содржани во стратешкиот документ од јуни, се проширување на активностите на Владата на Путин од март 2016 година. Според нив Кремљ тогаш  ги инструирал државните медиуми, меѓу кои и меѓународните „Раша тудеј“ и агенцијата Спутник да објавуваат позитивни вести за Трамп. 

„Раша тудеј“ не даде коментар на овие тврдења. Портпаролот на Спутник го оцени тврдењата за учество в кампањата на Кремљ како „апсолутна лага“.

Во ниту еден од документите на рускиот Институт не се споменува за ширењето на хакираните мејлови на Демократската партија со цел мешање во американските избори, изјавија изворите. Според нив хакирањето било тајна операција, која била спроведена одвоено од Кремљ.