Македонија
24. March 2017 - 13:38

Тимоние: Францускиот јазик од голема корист за професионална интеграција

Да не бидеме форматирани од еден единствен јазик, да ги отвориме сите наши хоризонти благодарение на јазичниот плурализам, порача денеска францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

Во обраќањето пред доделувањето на наградите за најдобра фотографија на конкурсот „Освен тоа, зборувам и француски“, Тимоние нагласи дека францускиот јазик може да му биде од голема корист на секој во неговата идна професионална интеграција.

- Не сме тука да зборуваме против англискиот јазик, и тој е исто така прекрасен, но да ги отвориме нашите хоризонти благодарение на јазичниот плурализам, рече амбасадорот и додаде дека за Французите францускиот е јазик на срцето.

Тимоние посочи дека секој ден учи по еден нов збор или израз на македонски. - Со тоа имам впечаток дека отворам мал прозорец во насока на Македонците. Ви советувам и вие да го направите истото со францускиот јазик, напомена Тимоние.

На конкурсот за фотографија се пријавиле преку 80 средношколци. Од пристигнатите фотографии биле селектирани најдобрите десет и тие се изложени во фоајето на Младинскиот културен центар.

Доделувањето на наградите беше само дел од денешните активности во рамки на Регионалниот форум организиран како дел од Деновите на франкофонијата во земјава. Најпрво се одржа тркалезна маса на тема: „Францускиот, неопходен за меѓународна кариера“, а предвидени се уште две тркалезни маси, „Францускиот јазик, јазик за вработување на младите на Балканот“ и „Универзитетски франкофонски програми достапни во Европа“. Попладне ќе се одржи и работилница со наслов: „Специјализиран француски јазик: Зошто и како да се предава“, додека за вечер е најавен концерт на францускиот поп пејач Шарл Батист.