Свет
21. March 2017 - 8:41

Тилерсон планира да пропушти средба на НАТО во април поради посетата на кинескиот претседател и посета на Русија

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон планира да ја пропушти средбата на министрите за надворешни работи на државите од НАТО на почетокот на април поради посетата на САД на кинескиот претседател Кси Џинпинг и посетата на Русија подоцна во истиот месец, изјавија претставници на Вашингтон.

Сојузниците од Алијансата може да го протолкуваат тој чекор на Тилерсон како давање поголема важност на случувањата со Москва, отколку на проблемите во НАТО.

Државниот секретар на САД планира да ја пропушти првата средба на министри за надворешни работи на НАТО, закажана за 5 и 6 април во Брисел. Наместо тоа тој планира да присустува на разговори меѓу американскиот претседател Трамп и кинескиот претседател, Кси, закажани за 6 и 7 април во одмаралиштето Мар а Лаго, на Флорида. 

Потоа се очекува Тилерсон да ја посети Москва на 12 април. 

Како главен директор на американскиот нафтен гигант Ексон Мобил Тилерсон работел со години со руската влада. Тој ја стави под сомневање ефикасноста на санкциите против Русија.