Балкан
5. December 2017 - 15:45

Тилерсон - Могерини: Западен Балкан има европска перспектива

ЕУ и САД сметаат дека Западен Балкан има европска перспектива, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини по средбата со државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон.

Таа посочи дека двајцата разговарале за четири основни теми во врска со Блискиот исток.

- Во однос на прашањето за Иран, ЕУ инсистира на тоа нуклеарниот договор да се почитува и сите други прашања во однос на Техеран да бидат разгледани надвор од таа рамка. ЕУ смета дека договорот е клучен приоритет за безбедноста, рече Могерини. 

Според неа, ЕУ очекува блискоисточниот мировен процес да доведе до решение за двете држави, преку преговорите за статусот на Ерусалим како нивна заедничка престолнина.

- Во Сирија треба брзо да се премине кон процес на мирна политичка транзиција, додаде Могерини.

Според Тилерсон, САД имаат силна посветеност кон ЕУ поради заеднички цели. Тој посочи дека е неопходна победа над терористите во Исламска држава (ИД) не само во Ирак и Сирија, туку и по целиот свет. 

- Иран го дестабилизира регионот со поддршката за хусите во Јемен и со извозот на оружје и војска во Сирија, со поддршка на Хезболах, рече државниот секретар.

Според него, таквото однесување не може да остане без одговор. - Ќе продолжиме да го правиме неопходното Техеран да сфати дека тоа е неприфатливо, додаде Тилерсон. 

Тој изрази задоволство од санкциите наметнати од ЕУ против Северна Кореја. - Ја поздравуваме единствената порака на ЕУ против Пјонгјанг, економскиот притисок ќе продолжи се додека не се промени курсот на Северна Кореја, изјави Тилерсон.