Свет
13. December 2017 - 9:13

Тежок удар за Трамп на изборите во Алабама

Демократот Даг Џоунс победи на изборите за американскиот Сенат во сојузната американска држава Алабама, победувајќи го републиканецот Реј Мур. 

Американските медиуми наведуваат дека со тоа е нанесен тежик пораз на американскиот претседател Доналд Трамп, кој силно го поддржуваше Мур, обвинет за сексуално вознемирување, а се потсмеваше со демократот.

Џоунс стана првиот демократски сенатар од Алабама после 25 години, и тоа со 51 отсто од гласовите. Со тоа е загрозана агендата на Трамп, а на демократите им се отворени вратите за преземање на Сенатот следната година, наведуваат американските медиуми. Сега републиканците ќе имаат 51 сенатор, а демократите 49.

Републиканците се уште не го признаваат поразот и тврдат дека некои гласови се уште пристигнуваат. Сепак, Трамп веќе му честиташе на Џоунс и истакна дека тој извојувал „тешка победа“, но „победа си е победа“

Изборите беа одбележани од валканата кампања, која предизвика национален интерес, но и голема поделба меѓу републиканците, откако неколку жени го обвинија 70-годишниот Мур за сексуален напад додека тие биле тинејџерки, а тој имал околу 30 години.