Македонија
16. January 2018 - 14:38

Тевдовски: Од 2019. планираме да почнеме со среднорочно буџетирање

Од 2019 година сакаме да почнеме со среднорочно буџетирање, да излеземе од рамките во кои се планира само тековната фискална година и да имаме план за следните три или четири години, најави денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски, во своето обраќање на главниот панел на конференцијата „Euromoney“, најголемата конференција од областа на финансиите во Централна и Источна Европа, која се одржува 23-та година по ред во Виена, информираат од неговиот кабинет.

Како што истакнал министерот, на оваа реформа ќе се работи во соработка со Меѓународниот монетарен фонд.

„Заедно со ММФ ќе работиме на имплементирање на фискалните правила, на механизми со кои ефикасно ќе го контролираме нивото на јавниот долг. Една од клучните придобивки е дека ќе го промениме начинот на планирање и ќе се подобри таргетирањето особено кај социјалните надоместоци и земјоделските субвенции, со што ќе се подобри нивната ефективност“, истакнал Тевдовски.

Министерот рекол дека Македонија издало еврообврзница со историски најниска камата и дека тоа може да се смета за успех од повеќе причини.

„Прво, интересот на инвеститорите беше огромен, имаше огромна побарувачка од 3,5 милијарди евра или 7 пати поголема од понудата. Ова е јасен сигнал дека меѓународните инвеститори позитивно ја оценија перспективата на македонската економија. Второ, постигнавме историски најниска камата. Ова е јасен сигнал дека во минатото економските политки не биле најуспешни и поради тоа можеби сме плаќале повисока цена за еврообврзниците. Третата работа која би ја истакнал е дека Македонија сега за првпат влезе во проактивно управување со јавниот долг, ја рефинансиравме еврообврзницата која доспева 2020 година, предвреме исплаќајќи ја третината од неа која доспеваше наредните години, по двојно пониска камата“, посочил Тевдовски.

Како што истакнал министерот, јавното трошење е насочено кон инфраструктурата, кон капитално интензивни проекти. Нагласил дека се работи на подобрување на поврзувањето со соседите, како и подобрување на инфраструктурата од главниот град до туристичките центри во земјата.

„Со оглед на тоа дека политичката криза е зад нас, очекувањата се дека земјата ќе направи чекор напред во однос на членството во НАТО, како и дека ќе ги почнеме преговорите за членство со ЕУ. Ова ќе придонесе за поинтензивен и одржлив економски раст во Македонија“, рекол Тевдовски во своето обраќање.

На конференцијата во Виена присуствуваат над 1.100 учесници, вклучувајќи министри за финансии, гувернери на централни банки, директори на финансиски институции и инвеститори, а министерот Теводвски бил еден од главните говорници, информираат од неговиот кабинет.