Бизнис
13. November 2017 - 14:50

Тевдовски: Каматната стапка клучна за странско задолжување

Во Предлог-буџетот за 2018 година е предвидено преку заем на домашниот и на странскиот пазар да се обезбедат околу 470 милиони евра за финасирање на буџетскиот дефицит, кој е предвиден на 2,7 отсто од БДП, и за враќање на доспеани обврски што ги направиле претходните влади, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.

Тој посочи дека за странско задолжување е клучно каква ќе биде каматната стапка, односно цената што ќе ја платат граѓаните.

- Не е исто да се излезе на странски пазар или со еврообврзница која ќе има три, четри и пет проценти или ќе има девет или 10. Ќе донесеме одлука за излегување на странски  пазар само ако мислиме дека граѓаните ќе платат ниска цена, изјави Тевдовски по промоцијата на неговата публикација „Патот напред - Колумни за економскиот раст и социјалната кохезија во Македонија“ на Економскиот факултет во Скопје. 

Нагласи дека и годинава со ребалансот на Буџетот беше оставена можност за домашно и странско задолжување, но, како што рече, заради успешното финасирање на домашниот пазар е одлучено да не се излегува на странскиот.

- За следната година предвидовме да има можност и за странско задолжување, бидејќи сега имаме ниски поволни каматни стапки на меѓународните пазари, а очекувањата се дека ќе почне да се зголемуваат. Тоа не прави да размислуваме дека можеби е време да излеземе на меѓународниот пазар. Воедно во моментов трите еврообврзници имаат историски најниска каматна стапка и ако се излезе би се добило ниска цена. Во тие рамки правиме анализи, посочи Тевдовски.

Прецизира дека во Предлог-буџетот се предвидени повеќе средства за Министерството за одбрана заради определбата за приближување кон НАТО, а за Министерството за внатрешни работи заради сериозните обврски направени од претходната влада што доспеваат за враќање.