Бизнис
17. September 2017 - 16:13

Тевдовски: Буџетот се полни, економијата се придвижува

Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска информираше што било сработено во изминатите сто дена од новата Влада. Притоа тој посочи дека негова цел било да се стави ред во јавните трошења, а реформите во системот на јавни финансии да бидат во насока на најдобрите европски стандарди и практики. Економијата во земјата, според Тевдовски, почнува да се придвижува. 
 
- Во изминатите сто дена се сработени десет големи промени, рече Тевдовски. Направен е, посочи, ребаланс на Буџетот во кој се скратени непродуктивните трошоци на носителите на власта, објавен е граѓански буџет за 2017 година, силно е подигнато нивото на фискална транспрентност, првпат во Македонија се објавени на транспарентен начин неплатените обврски на сите буџетски корисници, направена е анализа за распределба на доходи, добро се управува со наследениот јавен долг при што, како што посочи, намален е бројот на аукции на домашниот пазар од три до четири на две месечно со пониски каматни стапки на задолжување од 1,5 до 3,8 проценти, а вратени се кредити со просечни каматни стапки од 6 проценти.
 
Има, како што додаде, неселективен и забрзан поврат на ДДВ, изготвено е решение за зголемување на минималната плата на 12 илајди денари, за што е обезбедена буџетска поддршка, финализирана е стратегијата за управување со јавните финансии во периодот 2018-2021 година и зајакната е соработката со релевантните меѓународни финансиски институции.
 
- Кога прифатив да бидам министер за финансии бев свесен за сериозноста на предизвиците со кои се соочува системот за јавни финансии во Македонија. Македонија беше земја со недоволна буџетска транспарентност и долги години парите на граѓаните се трошеа за непродуктивни фасади, жални врби и луксуз на носителите на власта, а јавниот долг беше зголемен тројно од 1,6 млијарди евра во 2008 година на 4,7 милијарди во 2016 година што создаде огромни долгови за враќање во годиниве коишто следат, рече Тевдовски.
 
Насекаде во системот, според него, биле оставени скриени неплатени обврски.
 
- Мојата цел од првиот ден беше да се направи ред во јавните трошења и Министерството да стане најкредибилната институција во Македонија, а реформите во системот на јавните финансии да бидат во насока на најдобрите европски стандарди и практики, потенцира Тевдовски.
 
Прашан дали последните податоци за намалување на економската активност во земјава ќе значат и потреба од ревидирање на предвидениот раст на БДП од 2,2 проценти, Тевдовски истакна дека последните податоци за полнење на буџетот укажуваат дека во земјава почнува придвижување на економијата и дека очекува да нема потреба од ревидирање бидејќи, како што кажа, Министерството успева да обезбеди стабилен раст и финансии до крајот на годинава. 
 
До крајот на годинава, исто така, не е планирано издавање на еврообврзница, а Буџетот ќе се финансира од домашното задолжување, додаде министерот за финансии.
 
- Правиме чекори да се подобри софтверот во Министерството за финансии кои ќе овозможат во реално време да се евидентираат обврските за да може Министерството во секое време да знае кои се обврските на сите чинители во системот за во иднина да се оневозможи неконтролирано заостанување, рече Тевдовски.
 
Министерството, посочи во одговор на прашање, во првите 100 дена на домашниот пазар издаде хартии од вредност во износ од 145 милони евра, а врати обврски во износ од 100 милиони евра.
 
- Тоа значи дека е направено нето задолжување во износ од 45 милиони евра што е многу пониска бројка од лажните шпекулации. Во истиот период Министерството за финансии на надворешниот пазар врати кредити и обврски во износ од 86 милиони евра меѓу кои најголем беше кредитот на Дојче банка од 2012 година во износ од 75 милиони евра. На надворешниот пазар повлековме 35 милиони евра најмногу заеми од мултилатерални кредитори главно наменети за инфраструктурни проекти. Тоа значи дека нето на надворешниот пазар не сме се задолжиле туку сме вратиле 51 милион евра, така што повеќе е вратено и во овие три месеци сме вратиле шест милиони евра отколку што сме се задолжиле, рече Тевдовски и нагласи дека минатата власт и оставила на Македонија сериозни обврски за враќање.
 
Сега, посочи, за да вратиме стари долгови се задолжуваме со поевтини каматни стапки отколку што имаат кредитите што ги враќаме.