Македонија
19. July 2017 - 16:56

Тесната улица ,,Ристо Шишков‘‘ во Градскиот парк во истовреме е и двосмерна улица и паркинг!

Нервоза кај возачите, намалена безбедност за пешаците и застој – вака се одвива сообраќајот на улицата Ристо Шишков во центарот на Скопје.. Оваа сообраќајница се протега од владата до Градскиот парк. Постојното сообраќајно решение предвидува двосмерно движење на возилата, но на улицата е предвиден и паркинг со кој стопанисува Јавното претпријатие Паркинзи „Центар“. Со ова коловозот е речиси преполовен па е невозможно разминувањето на две возила.

Жителите од улицата Ристо Шишков велат дека е неопходна смена во одвивањето на сообраќајот. Иако не сакаат да говорат јавно, велат дека двосмерниот начин на движење и предвидениот простор за паркирање го отежнуваат нормалното одвивање на сообраќајот.

Директорот на паркинзи „Центар“, Саша Богдановиќ во телефонски разговор за Сител вели дека состојба е анализирана и веќе е изработен нов сообраќаен проект. Се предлага едносмерен режим од градскиот парк до крстосницата со Аминта Трети, додека двосмерното одвивање на сообраќајот ќе продолжи да важи на делот од улицата кон владата. Од паркинзи „Центар“ велат дека планот е испратен до градските служби кои треба предлогот да го препратат до Министерството за внатрешни работи под чија надлежност е утврдувањето сообраќаен режим на градските улици. Сепак од градот Скопје информираат дека такво барање пристигнало уште минатата година а измената на сообраќајниот режим ја потврдил и МВР. Одобрениот проект за воведување едносмерно движење по дел од улицата, Градските власти веднаш го препратиле до општина Центар но и по една година локалните власти не го спровеле планот за едносмерно одвивање на сообраќајот по улицата Ристо Шишков.