Македонија
12. July 2015 - 16:12

Тeшка сообраќајка кај Демир Капија: Загина жена, четворица Срби повредени

Летниот одмор на семејство од Србија заврши кај Клучката во Демир Капија.  Не стигнаа на море. Во сообраќајна несреќа загина баба, а нејзината ќерка, зетот и две мали  деца се тешко повредени.

Утрово околу 6 часот автомобил “Цитроен Берлинго” кој го управувал 40 годишен белграѓанец  изгубил контрола и излетал од патот и паднал на подвозникот. На лице место починала 63 годишната Миланка, а возачот, сопругата и двете деца се здобиле со сериозни повреди.

Со Брза Помош се префрлени на Скопските клиники.  Најлоша е состојбата на тригодишното момче кое има скршеница на черепот и е хоспитализирано на Неврохирургија.

На истата клиника е и мајката и деветмесечнотата сестричка, а таткото со скршен пршлен и повреда на раката е примен на Трауматологија.

На местото на несреќата за кратко време пристигнала екипа на Итна медицинска помош која била стационирана на околу 13 километри на самиот автопат. Брзата интервенција на лекарите спречила поголема трагедија.

Полицијата и јавен обвинител извршија увид на местото на несреќата и се преземаат мерки за утврдување на причините за сообраќајката.

Овој период од годината поради летните одмори и враќањето на иселениците од западноевропските земји во Турција има зголемена фрекфенција на возила по автопатот Скопје-Гевгелија. Често се случуваат и сообраќајки со жртви.