Свет
12. July 2016 - 17:07

Тереза Меј, новата “железна дама” на Велика Британија

Британската владејачка Конзервативна партија соопшти дека Тереза Меј е избрана за претседателка на партијата, дека на функцијата стапува веднаш, и дека ќе стане следната премиерка на Велика Британија, јави Танјуг.

Претседавачот со комитетот за именување на претседателот на Конзервативната партија, Грејем Брејди, изјави дека централниот одбор на партијата ја потврди Меј за лидер, откако претходно од трката се повлече нејзината единствена ривалка, пратеничката Андреа Ледсом, пренесоа американските медиуми.

Следниот британски премиер денеска ја повика земјата да се обедини под нејзино раководство и вети дека со успех ќе ги заврши преговорите за излегување на земјата од Европската Унија, пренесоа британските медиуми.

Откако ја доби официјалната потврда дека победила во трката за лидерската функција во владејачката Конзервативна партија Меј пред новинарите кажа дека „не може да размислува за друга варијанта освен за развод од ЕУ, откако таква беше волјата на избирачите, што беше покажана на референдумот.

-Неопходно е да ја договориме најдобрата зделка за Велика Британија во однос на излегувањето од ЕУ и да исковаме ново место за нас во светот...  Брегзит значи Брегзит и ние успешно ќе го завршиме ова прашање. Треба да ја обединиме земјата, подвлече таа, цитирана од ТАСС.

Британскиот премиер во заминување, Дејвид Камерон, денеска најави дека оставката ќе ја поднесе во среда и дека Тереза Меј веднаш ќе го замени на оваа функција.

Меј, која веќе шест години е министерка за внатрешни работи на Велика Британија, ќе биде втората жена премиер во историјата на земјата, по легендарната Маргарет Тачер.

Камерон оставката ја најави веднаш по референдумот од 23 јуни, на кој гласачите го поддржаа излегувањето од Европската Унија, и рече дека на неговоиот наследник ќе му остави да го активира Членот 50 од Лисабонскиот договор, со што и официјално почнува процесот на раздружување од Европската Унија.