Свет
26. January 2017 - 18:27

Тереза Меј на Трамп ќе му подари традиционална шкотска чаша на довербата

Британската премиерка Тереза Меј, која заминува во посета на САД, на својот домаќин, американскиот претседател Доналд Трамп, ќе му ја подари традиционалната „шкотска чаша на довербата“, пренесе ТАСС, цитирајќи го денешното соопштение на нејзината канцеларија. 

Вакви филџани или поточно пехари со две дршки, наречени „квејкс“, со векови наназад се разменувале меѓу лидерите на шкотските планински кланови како симбол на мирот и гостопримството и служеле како „напомена за неменливите вредности на шкотското дружење“,  објаснуваат од Даунинг стрит.

Двете дршки на пехарот ја симболизираат довербата меѓу подарувачот и лицето кое го прима подарокот. Некогаш тие се правеле од дрво, а сега се од сребро.

Шкотските рибари денес креваат здравица со квејкси при отворање на новата сезона на лов, одлевајќи малку виски од пехарот во реката.

Подарокот, за кој дознаа новинарите, ја одразува надежта на Меј за воспоставување на поблиски односи со новиот претседател и сигурно ќе го израдува Трамп, кој има шкотски корени. Неговата мајка, Мери Ен Маклауд, е родена во Шкотска, на островот Луис. Овој факт ќе бил изгравиран во натпис на пехарот, забележува Би-Би-Си. 

Меј подготвила подароци и за новата прва дама на САД, Меланија Трамп: сок од јаболка, мармалад, слатко од црвени боровинки и бело чоколадо, слатко од сливи.... Сето овошје во слатките било одгледано во премиерската резиденција „Чекерс“.

Преговорите меѓу Трамп и Мек ќе се одржат утре во Белата куќа.

Таа е првиот странски лидер кој го посетува Трамп по неговото стапување на функцијата, на 20 јануари.

Во интервју за Би-Би-Си претходно премиерката соопшти дека двајцата ќе ги разгледаат трговските односи меѓу двете земји, односите во НАТО и другите глобални предизвици, како борбата со тероризмот и сирискиот конфликт.