Македонија
25. September 2017 - 16:05

Теренски активности на Коце Трајановски и на Петре Шилегов, кандидати за градоначалници на Град Скопје

 Животната средина и амбиенталниот воздух ќе бидат приоритет на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски кој денеска официјално ја започна изборната кампања.

Од паркот во Ново Лисиче на последна 5-ка, Трајановски порача дека за наредниот мандат предвидено е изградба на дополнителни 100 илјади квадратни метри парк кој ќе се протега од постоечкиот до ФФМ и позади него.

- Главна тема и моја заложба во идниот период ќе биде здравјето на граѓаните т.е граѓаните и нивниото здравје во наредниот четиригодишен период. За таа цел ќе работиме на проекти кој што ќе значат заштитата на животната средина, амбиеталниот воздух, а со тоа сметаме дека и е една од мерките на заштита на здравјето на граѓаните на Скопје, рече Трајановски.

Тој потсети дека изминатите осум години работел посветено на подигање на голем број на зелени површини и засадување на дрва како една од мерките за заштита на животната средина и на амбиеталниот воздух во градот Скопје.

Трајановски информираше дека во изборната програма покрај новиот парк во Ново Лисиче предвидено е изградба на нов парк во општина Карпош, од Александар Палас, покрај Вардар, кон Ѓорче Петров, реконструкција на вториот дел од градскиот парк во површина од 400.000 метри квадратни при што ќе се реконструира и обнови целокупното зеленило, а ќе се направи систем за наводнување, обнова на зеленилото покрај реката Вардар, засадување на околу 500.000 метри квадратни нови зелени површини во градот Скопје.

Шилегов истакна дека во оваа кампања ќе понудат сосема поинаков пристап и визија за тоа какво треба да биде Скопје.

- Ќе градиме инфраструктура заедно со вас и ќе го направиме сообраќајот во Скопје безбеден затоа што сообраќај не подразбира само улици, сообраќај подразбира и пешаци и велосипеди и мопеди и јавен градски превоз. Ќе го направиме Градот транспарентен, ќе понудиме на секој граѓанин да може во секое време да комуницира со својата локална самоуправа, ќе ги креираме бизнис политиките на начин што ќе ги враќаме парите кон граѓаните, животот да го вратиме кон сите, рече Шилегов.

Скопје, според него, заслужува да биде модерен, европски, слободарски град каков што бил во традицијата. Посочи дека во минатото можеше да се видите токму спротивното, и затоа, како што наведе, бара поддршка за да се даде живот за сите во Скопјe.