Македонија
24. September 2016 - 8:53

Тера Мадре: Храната - универзално право на секој човек

Јадењето е заеднички јазик, универзално право на секој човек. Да ги поддржиме сите што произведуваат и приготвуваат храна по рецептите на своите предци, баби и дедовци, без да ги загадат околината, животната средина, поднебјето. Токму овие луѓе, земјоделците, се чувари на традицијата и биодиверзитетот, одраз на културата и вековното наследство.

Ова е една од главните пораки на годинашниот Тера Мадре Салоне дел Густо во Торино што официјално почна вчера, а ќе трае до 26 септември.

Како што беше нагласено на отворањето, негувањето и грижата за почвата која овозможува производство на храна, треба да биде императив. Но, од фундаментално значење е и семето, како прва алка во ланецот на храната.

 

Саемот во фокус ги става и глобално актуелните теми - климатаските промени, заштитата на биодиверзитетот, мигрантската криза и заканата од исчезнувањето на пчелите. На прашањата поврзани со нив ќе одговараат и информираат експерти од реномирани универзитети. Ќе се отвори и дискусија на тема „Индустрија и земјоделство - не е ли доцна да се постигне хармонија“.

Водечкиот мотив на Салоне дел Густо овојпат е да се вкрстат храната, уметноста, историјата и традицијата. Дел од светската манифестација што се одржува низ улиците на Торино, по најубавите, најатрактивни места во градот и околината, како и покрај реката По, се земјоделци, рибари, занаетчии, сточари, готвачи, професори, потрошувачи,... Сите се согласни дека новите генерации треба почесто да ги оставаат своите автомобили, да ги исклучуваат компјутерите и да седнуваат на трпезата, уживајќи долго и бавно во нејзиното богатство, во вкусовите на природата.

Посетителите се воодушевени од различноста на мирисите, вкусовите, културата, јазиците на кои зборуваат производителите од Кенија, Сибир, Перу,..., од одгледувачите на овошје од Калифорнија, фармерите од Кореа, Судан,..., градинарите од Бразил, Мозамбик, Ангола,... Се задржуваат на секој штанд, прашуваат, пробуваат, купуваат, учат,...

Некои учествуваат на работилниците, се вклучуваат во интерактивните кујни за подготвување специјалитети од поднебјата со специфични мирудии и зачини, во т.н. соби за вино и занаетчиско (крафт) пиво, ги слушаат приказните за зимзеленото тропско дрво Кратуна (калабаш) кое дава плод во форма на големи лејки, а воедно продуцира и музика, кантучините (антички бисквити од Тоскана), агро-мафијата (илегална, фалсификувана, небезбедна и неисправна храна како закана за човечкото здравје), новите практики на урбаното култиврање, правењето планински колиби,..., и првпат дознаваат дека има 1.000 начини на употреба на тиквата.

Повторно е поставена и Арката на вкусови - каталогот на производи од цел свет на кои им се заканува опасност од исчезнување, а има и посебен простор, Лет ит Бее, за пчеларството.

На Меѓународниот пазар, пак, има 15 штандови. Изложени се заедниците за храна на Тера Мадре и производите на президиумите од Балканот и од Турција: Розов домат од Куртово Конаре, Бугарија, сорта позната по благиот вкус која се користи за висококвалитетна лутеница, Вареник од Пељешац, Хрватска, едно од најкарактеристичните вина за Јужна Далмација кое се подготвува исклучиво од автохтоната сорта грозје „Плавац Мали“ со крваво црвена до нијанси на темна карамел боја, силна овошна арома и ноти на мед и марсала, свињата Базна од Романија која го добила името по истоимената општина во областа Сибиу, ценета по својата издржливост, квалитетно месо и сало погодно за производство на сувомесни производи што се чадат на таваните од традиционалните куќи, слатко од регионот Пермет, Албанија, и маслиново масло од Елбасан, како и производи од регионот Келменд.

Изложбениот простор на Турција ќе се фокусира на президиумот на булгур од еднозрнеста пченица и на седумте видови тарана - типичен домашен производ, со стотици варијанти само во Анадолија.

На македонскиот штанд засега се најбројни посетителите од соседството, регионот и Европа. Голема е заинтересираноста за буковската пипер, слаткото од диви смокви, медот, станушината, маџунот,... Предвидено е секој ден да има посебна презентација на президиумите, а ќе се подготвува и традиционална храна од страна на нашите готвачи кои се дел од делгацијата во Торино. Претставен ќе биде и новиот президиум, Македонската медоносна пчела, но во рамки на заедничката презентација на президиумите од Балканот и Турција. Производителите велат дека се задоволни што повторно имаат можност да бидат заедно со своите колеги од сите континенти, да разменат искуства и рецепти.