Македонија
9. January 2018 - 16:47

Теодоракис: Името Македонија не смее да се даде, Нацоски: Не ви пречеше името кога настапувавте во Скопје

Не очекував од еден светски познат композитор каков што е Микис Теодоракис вакви тврди националистички ставови, вели за Сител македонскиот оперски пеач Благој Нацоски. Реакцијата на нашиот уметник уследи откако 92 годишниот  Теодоракис во грчките медиуми  ја повика владата во Атина да не дозволи во името на соседната земја да биде вклучен терминот Македонија. Нацоски го потсетува својот грчки колега дека кога пред дваесетина години  настапувал во Скопје со своето дело Грк Зорба, имал сосем поинаков став за името на Македонија.

Уметниците се луѓе на светот, сум играл на исти штици со палестински и изралески пеачи и никој не бил оптоварен со национализам, раскажува Нацоски, кој во моментов настапува во Италија, а потоа заминува во Франција

Теодоракис  во писмото објавено во Прототема ја нападна владата во Скопје  дека го загрозува суверенитетот на Грција, ги искривува  историските настани, и се  обидува да создаде “Македонија на Егејското Море”. Според композиторот, проблемот со националниот банкрот е ништо во споредба со ова прашање,  кое ќе значи смрт за националниот интегритет на Грција ако се дозволи терминот Македонија да влезе во решението за името .