Свет
18. September 2016 - 18:23

Тензично меѓу Москва и Вашингтон

62-ца загинати и над 100-тина повредени војници на Сириската армија, во напад извршен од коалиционите сили предводени од САД. Нападот се случил вчеравечер во источниот град Деир ез Зор. По повод ваквиот развој на настаните советот за безбедност на ОН, синоќа зад затворени врати, одржа итна вонредна средба за Сирија по барање на Русија.

Откако завршил нападот терористите на исламската држава преминале во офанзива при што освоиле дел од позициите што ги држела Сириската армија.

Во изјава за медиумите портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова вели дека  Русија дојде до „страшен заклучок, по воздушниот напад на САД врз сириската војска, дека Вашингтон ја брани Исламската држава (ИД). 

Од  друга страна портпаролот на Пентагон Питер Кук, вели дека Американското Министерство за одбрана сеуште собира информации за воздушниот напад во Сирија кој бил запрен вчера, откако коалициските сили биле известени дека ја напаѓаат сириската армија. Тој додава дека сеуште се обидува да се утврдат сите факти и ако по грешка нападнале сириска воена позиција, жалат за тоа, особено за загубата на човечки животи.

Инаку силите на Сириската Армија веќе неколку се години се борат во опколениот источен град Деир ез Зор. Овој напад доаѓа во време кога се прават напори да се намали насилството што беснее од 2011 година. Животот го загубија над 430 илјади луѓе, а беше предизвикана и најголемата бегалска криза од завршувањето на втората светска војна.