Македонија
23. јуни 2017 - 17:54

Температурите се високи, а граѓаните внимателни

Топлотен бран ја зафати Македонија и цела земја денеска е во жолта алертна фаза. Високи температури и високо ултравиолетово зрачење. И додека во вакви временски услови многумина очекуваат зголемен обем на работа на итните медицински служби, скопската Брза Помош денеска не интервенирала кај ниту еден колапс. Оттаму велат дека од година во година граѓаните се повеќе ги почитуваат лекарските совети дека не е добро да бидат изложени на сонце од 11 до 17 часот. 

-Немаме зголемен број на интервенции, нема колапси, вели Анита Димоска, раководител на Брза Помош Скопје

Кога е жолта фаза, надлежните здравствени власти велат дека важат општите препораки за заштита од високи температури.

-Носење на светла облека, пиење на многу течности, јадење на лесна храна бидејќи ова е и период на труења а хронично болните да земаат соодветна терапија, вели Димовска

 Лекарите советуваат без потреба да не се излегува од дома, да се бараат дебели сенки, секогаш со себе да носите вода а кога се возите во автомобил да внимавате со климатизирањето бидејќи може да колабирате при излегување надвор.

-Температурата не смее да биде повеќе од 5 степени разлика бидејќи при поголема разика доаѓа до ширење на крвните дсадови а на организмот му треба време за адаптација, вели Димовска

По денешниот топол ден, метеоролозите најавуваат дождови за викенд што според лекарите ќе биде голем проблем за лицата со висок крвен притисок. Велат дека за лекарски совет 24 часа во денот им се достапни линиите на Брза Помош и Ало докторе.