Бизнис
26. September 2017 - 17:10

Телеком ја исплати дивидендата, промени во врвот на оне.Вип

Буџет потежок за 7 милиони и 870 илјади евра. На сметка на државата денеска легнаа парите од дивидендата од Телеком за 2016 година. Компанијата на своите акционери им исплати 20 милиони и 350 илјади евра во бруто износ или по 14,51 денар по акција. Износот што ќе го добие државата се однесува на 34% од акциите кои се во државна сопственост.

Од неодамна компанија доби и нови членови во Одборот на директори. Нив ги назначи новата Влада. Горан Трајановски ќе ја извршува функцијата  главен оперативен директор. Избрани се и пет нови неизвршни членови на одборот.

Кадровски смени има и во вториот по големина телекомуникациски оператор. Нов извршен директор на оне.Вип е Мислав Галер. Тој обврските на новата функција ќе ги превземе од октомври 2017 година и ќе го наследи Димитар Ковачевски кој одлучи да ја напушти компанијата и да прифати нови предизвици надвор од оне.Вип и Кластерот.

„Димитар Ковачевски останува во оне.Вип до крајот на годината со цел да помогне во веќе започнатите проекти кои се однесуваат на зацврстување и позиционирање на брендот на  компанијата, а во исто време да овозможи непречено продолжување на операциите и пренесување на обврските на својот наследник“, соопшти компанијата.

Новиот извршен директор Галер доаѓа од позицијата постар директор за големи корисници и е член на менаџерскиот тим на Кластерот Хрватска и Македонија. Со големо искуство во сегментот продажба и извршувањето на раководни функции, тој се приклучи на Випнет во 2012г.