Македонија
11. July 2017 - 16:36

Телефонски разговор Заев-Пенс: Поддршка за интеграциите и барање фокус на реформите

Премиерот Зоран Заев разговарал телефонски со американскиот потпретседател, Мајк Пенс, пред неговата посета на Балканот, каде Македонија и Црна Гора ќе бидат негови домаќини за самитот на Јадранската повелба на втори август во Подгорица.
 
Пенс, како што соопштува владината прес служба ги поздравил процесите почнати од новата Влада во правец на јакнење на за демократија, слобода и правда во Република Македонија.
-Потпретседателот Пенс ги оцени чекорите на новата Влада на полето на добрососедските односи  како меѓународни успеси. Изрази поддршка на Планот 3 – 6 – 9 што го усвои Владата за реализација на итните реформски приоритети. Исто така американскиот потпретседател пренесе поздрави до премиерот Заев, новата Влада и граѓаните на Македонија од претседателот на САД, Доналд Трамп и од американската администрација, стои во соопштението од Владата за телефонскиот разговор Заев-Пенс.
 
Премиерот Заев изразил благодарност за пријателска поддршка што Македонија ја добива од Соединетите Американски Држави во сите важни процеси за државата, како и во остварувањето на стратешките цели, интеграција во НАТО и во ЕУ.
 
-Цврсто сме определени кон демократските вредности. На тој пат, силно сме инспирирани од САД, како вистински пример за држава којашто се темели на базичните демократски придобивки, слобода, демократија и правда, му пренел премиерот Заев на вториот човек на Соединетите американски држави.
Американскиот потпретседател Пенс и премиерот Заев, како што соопштува владата, изразиле позитивни очекувања од престојната средба што треба да се случи на почеткот на август во Подгорица.