Македонија
14. December 2015 - 8:32

Театар Комедија премиерно ќе ја изведе „Господарот на кукавицата“

„Театар Комедија“ вечер премиерно ќе ја изведе претставата „Господарот на кукавицата“ по текст на Венко Андоновски и режија на Андреј Цветановски, во која игра целиот ансамбл на овој театар. Ова е петта праизведба на домашна комедија во четиригодишното постоење на „Театар Комедија“ и втора соработка со писателот Андоновски. 

На прес-конференција тој посочи дека претставата не е класична комедија во која целта е смеата, туку има елементи на драма на апсурдот. Говори за глобализацијата и за она што таа како закана го покажува кон идентитетит на малите култури.  

- Апсурдот е сместен во тоа што ние беспоговорно слушаме се што ќе се предложи, без никаков критички однос кон тоа. Тука е апсурдот. Комедијата говори за бришењето на локалните, мали култури, и за културолошките разлики меѓу она што неправедно го викаме свет, а себеси неправедно се поместуваме како „ние“ и како маргини на светот. Не е чиста комедија, но ќе има многу смеа. Комедијата има лековита димензија и овој театар со оваа комедија ќе биде повторно аптека на смеата, рече Андоновски.

Галичник и Скопје се местата  во кои се одвива дејството и борбата меѓу традицијата и глобализацијата. Режисерот Цветановски истакна дека со оваа претстава ја искристализирал темата за тој конфликт. 

- За вечниот конфликт на големото и малото, на нашето и нивното, на прашањето дали е подобро качамак или Мекдоналдс, дали редбул или вода од Упија, дали е подобро кока-кола или природен сок од цреши. Да видиме што значи терминот глобализација и како глобализацијата ја прифаќаме толку едноставно како веќе дадена аксиома, не се ни обидуваме да размислиме што се носи таа, лесно ги прифаќаме сите работи што доаѓаат однадвор без оглед на нивниот квалитет и потенцијал, рече Цветановски.

Покрај целиот актерски тим на „Театар Комедија“, во претставата гостува и актерот од Драмски театар Рубенс Муратовски. Ќе го игра ликот на старецот Никодим од Галичник, кое и место од кое самиот потекнува. 

- Галичник е изворно, чисто место, заштитено од лошите работи кои доаѓаат од надвор. Не можеме  да станеме Европејци, а да го загубиме она што го имаме во генот, рече Муратовски.

Директорката на „Театар Комедија“ Јелена Жугиќ додаде дека во претставата има препознатливи македонски ликови со амбиции - од  политичари до занаетчии, и дека со неа се заокружува трилогијата на Андоновски во која се „Кандид во земјата на чудата“ и „Кинегонда во Карлаленд“. Истакна  дека естетски и технички проектот е голем и има импозантна сценографија и костими. - Со оваа претстава правиме исчекори на повеќе нивоа, како комплетно театарско дело е доста гломазно, рече Жугиќ.

Сценографијата е на Милан Несторов и Сергеј Светозарев, костимограф е Александар Ношпал, а музиката е на Оливер Јосифовски од „Љубојна“.