Македонија
17. October 2017 - 13:14

Тажна вест: Почина првенката на Македонската опера и балет

Почина првенката на балетот, Јагода Сланева, соопшти Македонската опера и балет. 

Сланева (1949) работеше во балетот на МОБ од далечната 1968 година, до нејзиното пензионирање во 1993 година.

Во балетските претстави настапуваше како Ширин во „Легенда за љубовта“; Суламка во „Песна над песните“; Дојрана во „Лабин и Дојрана“; Марија во „Бахчисарајска фонтана“; Китри во „Дон Кихот“; Снежана во „Снежана и седумте џуџиња“; Џулиета во „Ромео и Џулиета“; Звончица во „Петар Пан“; Кармен во „Кармен суита“ и многу други. Како кореограф ги постави „Мансарда“; „Простување со Тања“; „Ричард III“; „Сказна за сказните“ и др. На оперската сцена настапуваше во „Орфеј и Евридика“; и „Продадена невеста“, а како репетитор во „Распучин“; „Дон Кихот“; „Кармина Бурана“ (каде беше и асистент кореограф); „Пинк Флојд Revisited“ и други.

Комеморација по повод смртта на Јагода Сланева, ќе се одржи в четврток, 19 октомври во Македонската опера и балет, со почеток во 11 часот. Посмртните останки на Сланева ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта Бутел, в четврток од 13:30 часот до 14:30 часот, а погребот ќе се изврши во 14:30 часот.