Македонија
23. March 2017 - 11:03

Танчарката Анастасија Данчевска во европско-кинеска копродукција

Танчaрката на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска е ангажирана во европско-кинеска копродукција насловена „Колевка“ која премиерно ќе се одржи во Љубљана на фестивалот Егзодос на 19 април.

Како што соопшти Скопје танцов театар, претставата е во кореографија на словенечкиот кореограф Грегор Луштек, продуцент е Наташа Заволовшек, а произлегува како продукт од  Летните кампови за танц кои ги организираше Министерството за култура на НР Кина, во соработка со европски стручњаци и професори, меѓу кои во уметничкот-организиациски тим е и вонредниот професор д-р Рисима Рисимкин.

За оформување на претставата, 14 танчари од повеќе земји: Македонја, Летонија, Словенија, Чешка и Кина работат од 1 март во Пекинг на Пекингшка академија за танц, која е најголемата  академија за танц во Кина и има околу 5000 студенти.

Од 1 април целата продукција ќе се пресели во Љубљана каде се очекува европската премеира  на претставата, која потоа ќе гостува и на овогодинешниот Танц фест 2017.

Анастасија Данчевска е современ танчар, член на Скопје танцовиот театар  од 2014 година, која средно балетско училиште завршила во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Работи во програмите на Скопје танцовиот театар, а минатата година учествуваше и на  Интернационалниот камп за современ танц кој се одржа  во Кина.