Балкан
23. January 2017 - 16:00

Тачи: Време е за последното поглавје од дијалогот

Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска, пред продолжување на разговорот во Брисел, изјави дека дошло време да се отвори последното поглавје во дијалогот меѓу Приштина и Белград.

- Најдобро можно решение е Србија да го признае Косово, а тоа би било завршување на овој важен процес од дијалогот, кој почна како технички, а сега влегуваме во напредна фаза на политички дијалог, што конечно ќе довде до признавање на Косово од страна на Србија, изјави Тачи за Радио Слободна Европа.

Тој наведе дека во Брисел нема да зборува за внатрешните прашања во Косово, бидејќи за нив одлучува Приштина.

- Дефинитивно е време да се отвори последното поглавје во дијалогот меѓу Косово и Србија, поглавје за нормализација на меѓудржавните односи, што подразбира нормализација во областа на политиката, безбедноста, економијата, регионална и евроатлантска интеграција, а врз основа на вредностите на европските перспективи на двете држави, посочи Тачи.

Тој додаде дека „што пократко трае тоа поглавје, тоа ќе биде подобро и за Косово и за Србија“.

Во Брисел утре ќе биде одржана нова рунда од дијалогот Белград - Приштина, на која покрај премиерите Александар Вучиќ и Иса Мустафа, ќе присиствуваат и претседателот на Србија, Томислав Николиќ и претседателот на Косово, Хашим Тачи.