Балкан
18. August 2017 - 9:01

Тачи: Мораме да бидеме подготвени на дополнителни компромиси

Косовскиот претседател Хашим Тачи верува дека лидерите на Косово и во Србија се посветени на конечниот мир меѓу Србите и Албанците, а за тоа да се случи, порача тој, потребно е да бидат мудри и храбри, креативни и подготвени на дополнителни компромиси. 

Во авторски текст за германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ Тачи истакна дека единствен пат за ставање крај на сите несогласувања е постигнување историска спогодба меѓу Косово и Србија, а таа спогодба би опфатила и меѓусебно признавање. 

Постигнувањето на таа цел, додава тој, е исклучително тешка за Белград и Приштина и бара храбро и мудро раководство. 

- Цврсто верувам дека лидерите на Косово и Србија се посветени на она што нашиот народ го бара од нас, да постигнеме мир меѓу нас. Со цел тоа да се случи, сите мораме да бидеме креативни и подготвени на дополнителни компромиси. На сите мора да им биде јасно дека тоа е неопходно заради траен мир меѓу нашите народи и генерациите, кои доаѓаат, порача Тачи.

Тој оцени дека шест години се сторени значителни чекори во насока на нормализација на односите, но дека тие се уште се неостварена цел. 

- Таа цел во овој момент е тешко достижна, смета Тачи, поради замрзнатиот конфликт меѓу двете земји.