Свет
20. јуни 2017 - 14:40

СЗО: Во Јемен изминатите два месеци од колера починале 1.146 лица

Смртните случаи од колера во Јемен достигнаа 1.146 лица изминатите два месеци, соопшти Светската здравствена организација.

Како што јави ДПА, болеста се проширила во 20 од 22-те јеменски провинции, откако се појави кон крајот на април.

Колерата, која се пренесува преку заразена вода и предизвикува дијареја и повраќање, е заболување кое лесно се лекува и спречува.

Но, во Јемен таа се појавува во момент кога повеќе од половина од здравствената инфраструктура не функционира поради војната меѓу владините сили, поддржани од Саудиска Арабија и шиитските бунтовници, финансирани од Иран.

Колерата може да предизивка смрт за неколку часа, ако не се лекува. Само минатата недела се утврдени 187 смртни случаи.