Бизнис
11. January 2017 - 19:55

Светска банка прогнозира раст на македонската економија од 3,3% оваа година

Македонската економија годинава ќе порасне за 3,3%, догодина за 3,7% а во 2019 за 4 проценти, велат најновите економски прогнози од Светската банка.

Проекциите се пониски од претходните при што проценката за 2016 е дека растот на брутодомашниот производ е речиси преполовен, од претходно очекуваните 3,7 % на 2%.

За 0,7 процентни поени е намалена и прогнозата за 2017, од 3,9% на 3,3% стапка на раст.

Извештајот не навлегува во причините за намалените очекувања, но бројките се во линија со видувањата на домашните чинители дека македонската економија е сериозно загрозена од политичката криза.

Светската банка оценува дека глобалниот економски раст годинава ќе забрза умерено, на 2,7%, по најниското посткризно ниво постигнато лани, бидејќи се повлекуваат пречките за раст во пазарите во развој и земјите извознички на стоки, каде и домашната побарувачка ќе биде силна.

Во Европа, Македонија, со Унгарија, Полска и Романија, се наведува меѓу четирите економии кои имаат бенефит од силната побарувачката во Германија, која е и број еден извозна дестинација од земјава.