Бизнис
1. October 2015 - 10:26

Светска банка одобри заем за експресен пат Ранковце-Крива Паланка

Бордот на директори при Светска банка денеска одобри заем од 83 милиони евра за Проектот за надградба и развој на патиштата во Република Македонија. Целта на проектот е да ја подобри транспортната поврзаност за корисниците на патиштата долж Коридорот 8 помеѓу Скопје и граничниот премин Деве Баир, како и да го подобри управувањето со средства и планирањето на Јавното претпријатие за државни патишта.

Проектот за надградба и развој на патиштата е финансиран од Меѓународната банка за реконструкција и развој (ИБРД) преку заем во износ од 83 милиони евра со рок на доспевање од 28 години, вклучително и 8 години грејс период.

- Преку главната компонента на проектот, во износ од 78 милиони евра, ќе се финансира изградба на нов, поширок пат со две ленти помеѓу Ранковце и Крива Паланка во должина од 26,64 километри. При дизајнот на патот ќе се земе предвид безбедноста на патиштата. Изградбата ќе трае три години и се очекува патот да биде отворен за сообраќај кон крајот на 2019 година, соопшти денеска канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Според СБ, подобрената источна секција од патот на Коридорот 8 ќе ја зајакне интеграцијата на земјата во регионот и во ЕУ и ќе го олесни пристапот до нови пазари. Подобрениот пристап до границата со Бугарија, истакнуваат, ќе има позитивно влијание врз трошоците за логистика и исто така, ќе придонесе за подобра и посигурна поврзаност, ќе ја подобри мобилноста на населението и прекугранична интеракција долж коридорот.

Елен Голдстин, директор за регионот на Југоисточна Европа при Светска банка, порачува дека инвестициите во транспортната инфраструктура се клучни за развојот на Република Македонија.

- Како континентална земја, Република Македонија има потреба од инвестиции во транспортната инфраструктура за да обезбеди подобра поврзаност со регионалните пазари и да стане попривлечна дестинација за инвеститорите. Подобри патишта, исто така се клучни за локалната конкурентност и развојот на туризмот, вели Голдстин.

Ракеш Трипати, сениор специјалист за транспорт во Светска банка и лидер на проектот, укажува дека со новиот проект ќе се намалат трошоците за возилата и времето на патување.

- Дополнително, проектот ќе ги зајакне капацитетите на Јавното претпријатие за државни патишта во управување со средствата за мостови и во имплементација на инжинерски и градежни иновации кои може да ја подобрат безбедноста на патиштата и нивната одржливост, наведува Трипати.

Ова е трет транспортен проект за патишта кој Светска банка го финансира во Македонија. Првиот, Проект за поддршка на регионалните и локални патишта, кој ќе заврши на крајот на годинава, финансира обнова и надградба на 284 километри регионални патишта и над 400 километри локални патишта, вклучително и рехабилитација на свлечишта на селектирани патишта. Вториот, Проект за рехабилитација на магистрални и регионални патишта, одборен во септември минатата година, има за цел да ја зајакне поврзаноста на селектирани магистрални и регионални патишта на Коридорот X и VIII.