Бизнис
13. January 2016 - 10:09

Светска банка го одобри ИБРД заемот од 25 милиони евра за подобрување на општинските услуги

Бордот на извршни директори при Светска банка го одобри ИБРД заемот од 25 милиони евра за Вториот проект за подобрување на општинските услуги (МСИП2) во Македонија.

Како што соопшти денеска Канцеларијата на Светска банка вои Скопје, проектот има за цел да ги подобри транспарентноста, финансиската одржливост и инклузивноста во обезбедувањето на општинските услуги во целата земја, а со оглед на изборниот циклус во Република Македонија, МСИП2 ќе стапи на сила и повлекување на средствата ќе почне по завршувањето на претстојните парламентарни избори.

МСИП2 ќе обезбеди подзаеми на општините за инфраструктурни инвестиции: снабдување со вода, канализација, управување со цврст отпад, локални патишта, подобрувања во енергетската ефикасност на општинските згради и друга општинска инфраструктура со висок приоритет која влијае врз добросостојбата на жителите и ефикасноста на услугите. Исто така, со проектот ќе се воведе грант компонента за подобрување на испораката на услугите и инфраструктурата за сиромашните и маргинализирани заедници низ општините во Македонија.

Вкупно 57 од 80 општини во земјата избраа да учествуваат во првиот Проект за подобрување на општинските услуги и имплементираат или веќе ги завршиле приоритетните инфраструктурни проекти, 36 проценти од овие проекти биле за рехабилитација на улици, 13 проценти за водоснабдување, 13 проценти за рехабилитација на општински згради, 13 проценти за подобрувања во енергетската ефикасност, 12 проценти за управување со цврст отпад и 13 проценти за набавка на возила за комунални услуги или други приоритети.

- Вториот Проект за подобрување на општинските услуги ќе продолжи со поврзување на инвестициите во приоритетната инфраструктура со поголема транспарентност и одговорност на власта, и силен граѓански ангажман на локално ниво. Гледано напред, би сакале да ги охрабриме сите општини во Македонија да земат учество во проектот и да се осврнат кон сиромаштијата и маргинализираноста преку поголемо инвестирање во нивните посиромашни заедници, вели Елен Голдстин, директор за регионот на Југоисточна Европа при Светска банка.

Вториот Проект за подобрување на општинските услуги се состои од три компоненти.

Компонентата за општински инвестициски подзаеми (18,5 милиони евра) ќе обезбеди финансирање за општините со цел инвестирање во високо-приоритетна локална инфраструктура. Компонентата за инвестициски грантови за сиромаштија и социјална инклузија (4,9 милиони евра) ќе обезбеди инвестициски грантови за општините како поттик да инвестираат во инфраструктурни подобрувања за сиромашните и маргинализирани заедници во рамките на нивната надлежност.

Компонентата за проектно управување, мониторинг и евалуација, и градење капацитет (1,5 милиони евра) ќе ја поддржи имплементацијата на проектот и мониторинг, а исто така ќе им помогне на министерствата и агенциите на национално и општинско ниво во зајакнување на институционалните и финансиски системи за одржливо обезбедување на општинските услуги.

- МСИП2 има за цел промовирање на транспаретноста на општиниското работење преку поврзување на објавата на буџетските и други информации со пристапот до финансирање, истовремено градејќи ги капацитетите на општините за планирање и имплементација на инфраструктурни инвестиции, вели Тошиаки Кеичо, виш специјалист за урбан развој при Светска банка и лидер на проектот.

Проектот ќе овозможи граѓански ангажман во избор и дизајн на инвестции, со што општините ќе може подобро да одговорат на барањата од локалните заедници и корисници на општински услуги.

По првиот МСИП заем од 18,9 милиони евра, следеа две дополнителни финансирања. Првото, од 37,2 милиона, евра беше обезбедено од Светска банка во 2012 година, а второто, од 15,5 милиони евра, беше неодамна одобрено од Европската унија со финасирање од претпристапната помош ИПА наменето за поддршка на руралната инфраструктура. МСИП2 е финансиран преку заем на Светска банка од 25 милиони евра со рок на доспевање од 18 години, вклучително и пет години грејс период.

Вкупното доспевање на секој подзаем нема да надмине тринаесет години, вклучително три години грејс период. Сите општини имаат право и се поттикнуваат да учествуваат.