Бизнис
27. September 2016 - 19:43

Светска банка: Економијата годинава ќе порасне само 2%

Пролонгираната политичка криза во земјава силно ја погоди економијата. Неизвесноста  ги намали инвестициите поради што растот значително забави.  

Светска Банка го објави најновиот извештај според кој економијата ќе бележи раст од само 2 % оваа година.

Доколку се одржат изборите во декември се очекува постепено закрепнување и раст од 3,3 отсто во 2017 односно 3,7 % во 2018 година.

Финалната потрошувачка поддржана од вработувањата и повисоките јавни плати и трансфери се очекува да остане главен двигател на растот како и инфраструктурните инвестиции. Продолжува и намалувањето на невработеноста, но се намалува стапката на активно население до ниво од 2012 година.

- Проекциите ни се усогласени со оние на Министеството за финансии и Народната банка дека растот за годинава ќе се намали до околу два процента. Тоа се уште е ниво на раст кој е за респект во Европа, а изгледите се позитивни особено по разрешување на прашањето со изборите, рече директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантовели.

Со свој став за извештајот излезе и  дополнителниот заменик министер за финансии Наумов .Податоците во Извештајот на Светска банка се загрижувачки, ако се земе предвид предупредувањето од ММФ дека Македонија не смее да го покачи јавниот долг над 50% од БДП бидејќи ќе има проблеми со сервисирањето на долговите.

На Македонија и е неопходна власт којашто ќе работи домаќински, којашто ќе се грижи за државата и за потребите на граѓаните и прв чекор во таа насока мора да биде носење развоен и транспарентен Буџет за 2017 година. 

Од банката посочуваат дека невработеноста кај младите расте .Фискалниот дефицит е зголемен од првично буџетираните 3,2 % од БДП на 4,1 отсто поради зголемените трошења за плати, пензии и социјални трансфери како и трошоци поврзани со справување со поплавите. Растот главно е движен од градежниот сектор. Од банката очекуваат солидниот раст да продолжи до 2018.

Според Светска Банка од земјите во регионот највисок раст  од 3,6 отсто ќе има Косово. Се предвидува растот на економиите во земјите од регионот за годинава да изнесува 2,7 отсто што е зголемување за 2,2 % во однос на лани. Умереното зголемување се очекува да продолжи и следните две години.