Македонија
14. January 2018 - 16:20

Свештенството посака во Новата година МПЦ-ОА да ја добие автокефалноста

Желбата за оваа година на православните свештеници е МПЦ ОА да биде признаена како автокефална. 

Но, почитта и себепризнавањето  е уште поважно порача отец Зоран кој денеска сослужуваше со поглаварот на МПЦ по повод Обрезание Господово и Св. Василиј Велики.

На прашањето како се одвиваат преговорите со БПЦ, отец Зоран не сакаше да коментира синодски одлуки иако пред извесно време владиката Тимотеј најави дека средината на јануари ќе продолжат преговорите со БПЦ кои прифатија да бидат црква Мајка или промотори за признавање на автокефалноста на МПЦ.  

Со света Василијева Литургија денеска беше одбележана Православната Нова Година, Обрезанието Господово и празникот Василиј Велики. Поглаварот г.г Стефан на почетокот од новата година се помоли за  добро здравје и мир за сите во државата. 

Нашата вера го осветува умот, а волјата не упатува кон правење на добри дела. Свештениците порачаа, ова лето господово да се посветиме повеќе на молитвата бидејќи само така ќе ја оттргнеме  зависта и омразата.

Голем број верници денеска ги посетија храмовите да се помолат за здравје, мир и бериќет. Василица се слави како куќна слава и именден. Традиција е на овој ден домаќинките да подготват  погача или пита со паричка во чест на Св. Василиј Велики , кој во Црквата важи како голем поборник за православната вера, основач на монашката традиција во источното православие.