Македонија
17. December 2015 - 16:39

Судот го прифати обвинението за Диво Насеље

Скопскиот основен суд го прифати обвинителниот акт  за случувањата во кумановско Диво насеље. Во писменото соопштенние се вели дека по детална анализа на писмените приговори, наводите на бранителите и фактите врз кои се заснова актот, Судскиот совет го одобрува обвинението против 29 лица  за терорзам и терористичка организација, а приговорите на обвинетите го отфрла како неосновани.

„Советот смета дека наводите во приговорите претставуваат одбрана на обвинетите, заради што цени дека е потребно да се одржи главна расправа на која во непосредна, контрадикторна постапка истите ќе имаат можност да ја изложат својата одбрана, па по проверка на сите релевантни докази судот да ја утврди фактичката состојба по кривично – правните настани наведени во овој кривичен предмет. По распоредување на обвинителниот акт на надлежен судечки совет за постапување ќе биде закажан термин за одржување на главната расправа за што судот дополнително ќе ја извести јавноста“ се вели во соопштението од Основниот суд Скопје 1.

Во текот на јавната седница за оценка на обвинителниот акт која се одржа пред 10 дена,  сите 29-мина обвинети пред судскиот совет рекоа дека не се чувствуваат виновни и тврдеа дека не биле дел од терористички активности. Нивната одбрана побара случајот да го превземе Специјалното јавно обвинителство. И покрај тоа, според изјавата на адвокатите дадена по седницата, ваквата одлука на судот е очекувана.

„Очекуваме дека по инерција сигурно дека тој обвинителен акт ке пројде бидејќи судската пракса досега покажува дека сепак се дава некоја повластена положба на Јавното обвинителство и мислам дека за жал ќе пројде и ова обвинение“ изјави тогаш адвокатот Насер Рауфи.

Во крвавата престрелка од 9 и 10 мај годинава во кумановската дива населба, загинаа 8 припадници на македонските безбедносни сили и 10 припадници на вооружената група.