Свет
19. May 2016 - 11:09

Судири меѓу демонстрантите и полицијата во Венецуела

Венецуелската полиција се судри со демонстранти во Каракас, кои се обидуваа да дојдат до седиштето на Изборната комисија, за да бараат референдум за отповикување на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.

Во антивладиниот протест, кој е трет во период од една недела, учествуваа илјадници лица, а бидејќи една мала група демонстранти се обидоа да се пробијат низ полицискиот кордон, полицијата употреби солзавец.

Венецуелскиот Парламент, во кој мнозинството имаат пратениците од партиите, кои се опозиција на Социјалистичката партија на Мадуро, ја отфрли вчера уредбата за вонредна состојба, која ја прогласи претседателот, поради што се продлабочи кризата во оваа јужноамериканска земја богата со нафта.

Мандатот на Мадуро истекува во 2019 година, а опозицијата по убедливата победа на парламентарните избори лани во декември вети дека ќе најде начин да го смени претседателот во првата половина на 2016 година.